Во Охрид отворена изложба на познатиот сликар Вангел Наумоски
По повод 90-годишнината од раѓањето и 60 годишнината од неговата прва самостојна изложба, во Охрид е отворена изложба на познатиот сликар Вангел Наумоски. Тој е еден од ретките македонски уметници кој изложувал во скоро сите најпознати светски галерии. За него Салвадор Дали ќе рече дека е најдобриот сликар после него...

Иако уште од самите почетоци беше оспоруван, беше соочен со суровоста и зависта на оние кои што мислеа дека само академското школување може да формира уметник, Вангел Наумоски со своите уметнички дела во кои има арома и здив на охридското поднебје ги отвори портите на најугледните галерии во светот.
Во неговите дела има наива, која со созревањето премина во надреализам и апстракција, но во истовреме и филозофија на живеење, вели академик, Цветан Грозданов, говореќи за уметникот кој уште за својот живот прерасна во институција.
„Од неговиот цртеж се гледа дека тоа не е мајстор кој учел во Академија, тој е против академскиот реализам, но тој беше и архитект и скулптор, а пишуваше и филозофски есеи. Беше сложена личност“, вели академик Цветан Грозданов.
Наумоски добиваше ласкави критики од бројни ликовни критичари и уметници. Секако највпечатлива е онаа од изложбата во Парис кога ексцентричниот Салвадор Дали ќе рече дека Вангел е најдобриот сликар, се разбира после него.
„Инаку рекол, веќе како критика. Наивен, но не од оние наивци што ги познавам. Во неговата уметност има нешто научно, нешто што го привлекува моето внимание“, вели Рубенс Наумоски, син на Вангел Наумоски.
Во Куќата на Уранија се застапени 22 дела на Вангел Наумоски, а љубителите на уметноста ќе можат да видат повеќе негови остварувања на полноќ спроти 2-ри август, кога традиционално се отворени вратите на Галеријата „Охридска порта“.
Сашо Нелоски
