Случај „Лотарија“

Случај „Лотарија“: На потег е Обвинителството, откако Ахмети изјави дека Артан Груби се наоѓа на „албанска територија“

30.12.2024 15:30

Премиерот Мицкоски го прозва Јавното обвинителство да го повика Ахмети ако знае да каже каде е Артан Груби, откако лидерот на ДУИ изјави дека осомничениот се наоѓа на албанска територија. Обвинителството со став дека веќе издадена наредба за распишување национална и меѓународна потерница топката ја префрли кај полицијата. И СДСМ е со став дека МВР и Обвинителството треба да го повикаат Ахмети да даде исказ ...

На потег е Јавното обвинителство – смета премиерот Мицкоски, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека има информации оти Артан Груби се наоѓа на албанска територија. Мицкоски вели, се знае што треба да се прави, бидејќи има лице кое знае каде се наоѓа бегалецот од правдата. Тој повика Груби да не стравува од како што оценуваат интегративците, одмаздничка правда. Мицкоски апелира Груби да се врати и да се соочи со правдата.

И СДСМ е со став дека МВР и Обвинителството треба да го повикаат Ахмети да даде исказ за да каже каде е Груби.

„Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека самиот тој е добро информиран за тоа каде е Груби и има важни информации за случајот. Зошто Обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава?“, велат од СДСМ.

Од Јавното обвинителство објаснуваат – домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот.

За полициски акции кои делумно беа саботирани, премиерот вели, дека очекува истото да се повторува уште извесен период, сè додека има рецидиви од поранешната власт во овие структури.

Мицкоски дециден „кртовите“ ќе бидат пронајдени и ќе одговараат за своите постапки.

 

Марина Стојанова-Тонева