Кривични пријави за злоупотреби во ТИРЗ
Поранешниот директор на слободните зони и уште седуммина, меѓу кои тројца од Бирото за јавни набавки и четворица од Државната комисија за жалби по јавни набавки заработија кривични пријави од Финансиската полиција...

Поранешниот директор на слободните зони и уште седуммина, меѓу кои тројца од Бирото за јавни набавки и четворица од Државната комисија за жалби по јавни набавки заработија кривични пријави од Финансиската полиција.
Скопското Обвинителство поведе постапка за злоупотреба на службена положба. Тие се осомничени дека на приватна фирма и овозможиле незаконски да се стекне со профит од над 10 милиони евра. Компанијата добила тендер за изградба на инфраструктурата во зоните во Штип и во Струмица. На огласот се натпреварувала со друга фирма, но клучно да го добие тендерот бил фактот што понудила драстично пократок рок за изведба на работите, иако понудата и била поскапа. Потоа биле склучени и два анекс-договори со кои се зголемила вредноста на договорот, но и се продолжил рокот.
„Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот директор не презел службени дејствија во насока на раскинување на договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата“, стои во соопштението на ЈОРМ.
„Со неизвршување на нивната службена должност, осомничените придонеле правното лице да ја добие јавната набавка врз основа на нереално низок понуден рок за изведба кој фирмата не успеала да го реализира, а со значително повисока цена од нејзиниот конкурент, па на тој начин тие за правното лице прибавиле противправна имотна корист“, стои во соопштението од Финансиска полиција.
Деспотовски за МТВ вели дека ги почитува институциите и има доверба во системот. Уверен е дека ќе ја докаже неговата невиност.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави барање за привремено одземање на имот и предмети заради нивно обезбедување, со цел идна конфискација. Судот му го одзеде пасошот на Деспотовски.
Игор Панов
