Нова година 2025

Последни подготовки пред најлудата ноќ

31.12.2024 08:20

Уште неколку часа не делат од новата година. Светските метрополи подготвени за дочекот на 2025-та. Желби се новата да биде подобра од претходнава. Да запрат војните, да завладее разумот. Ова особено кај жителите во Украина и во Газа кои изминатата година ја поминаа секојдневно, слушајќи ги звуците на сирените, како предупредување од воздушни напади.

Светот со последни подготовки пред стрелките на часовникот да се поклопат и да го означат почетокот на Новата година. Во Њујорк повторно магично. Посетителите ќе можат да ги запишат своите тајни на ѕидот на желбите за новогодишната ноќ, но и за последен пат да ја видат традиционалната светлечка топка со над 16 милиони живописни бои на Тајмс Сквер.

„Ова е последен пат топката да се види во оваа верзија на Тајмс Сквер на новогодишната ноќ. Наредната 2026 година ќе имаме нова бренд топка“, изјави Џефри Штраус, претседател на „Забава со одбројување“.

За најлудата ноќ подготвена и Велика Британија. Над 10 илјади огномети планирани за прославите пред Лондонското око и традиционалното отчукување на Биг Бен кој ќе ја одбори последната минута од старата година. На новогодишната патека во Виена, пак, се очекуваат милиони луѓе-централна точка на безбедносните австриски служби.

„Полицијата ќе направи се за безбедноста на луѓето во овој град, особено оваа вечер. Ќе има нулта толеранција за бунтовниците, фрлачите на огномет и слично. Веќе се направени опсежни подготовки“, изјави Герхард Карнер, министер за внатрешни работи Австрија.

На истек од годината одбележана со војни, мирот останува најголема желба. Празничниот дух во Газа можеби е изгубен, но надежта не е згасната.

„Се надевам дека во новата година ќе се вратиме во нормалниот живот, сега кога ја почувствувавме неговата вредност во оваа војна, искрено се надевам дека 2025 ќе биде крај за овој кошмар“, вели Палестинец од Газа.

Не згаснува традицијата во Украина. И покрај војната, група волонтери успеаја да донесат празнична радост во домовите.

„Дојдовме во деокупираниот регион Чернихив и одиме по селата, по куќите и пееме песни, се работи за традиција“, рече Володимир, украински волонтер.

Подароци за децата носеа и руските војници во окупираниот Курск. Тешко е да се најде надеж во годината што изминува-признава генералниот секретар на ОН, но вети помирна и постабилна иднина за сите.

„Нема гаранции за она што ни претстои. Но, ветувам дека ќе застанам со оние кои работат на создавање помирна, еднаква, стабилна и здрава иднина за сите луѓе. Заедно, можеме да ја направиме 2025 година нов почеток. Не како поделен свет, туку како обединети нации“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Црвениот плоштад во Москва пак, ќе остане затворен за посетителите за новогодишната ноќ-соопштија московската полиција.

 

Бојана Крстевски