Македонија сè уште во предворјето на ЕУ

Уставни измени, без цврсти гаранции за членство во Унијата

31.12.2024 14:07

Македонија, првата земја што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2004-та сè уште е во предворјето на европската интеграција. И покрај одличниот скрининг, и забележителните резултати во 16-те европски извештаи, и промената на името со европски ветувања за брза лента на членството, по Францускиот предлог, годинава нов студен туш за земјава. Албанија која заедно со Македонија, го почна мониторингот на спроведувањето на европската регулатива, се одвои и го отвори кластерот со фундаменталните вредности. Македонија ги доби истите препораки за уставни измени, без натамошни цврсти гаранции за сигурно членство. Ги одбележуваме најзначајните моменти за земјава во пресрет на полското претседавање со Унијата…

Преку Планот за раст, Македонија станува дел од единствената европска економска област. На земјава се доделени 750 милиони евра за реформи до 2027-та, но тоа не се само грантови. Во земјава продефилира плејада европски политичари, од старо-новиот челник на комисијата ја добивме познатата редовна поддршка.

„Работам напорно да се отвори кластерот на основните вредности. Тоа е нашата краткорочна цел. Но, и да се работи на уставните промени. За мене тоа е многу важно, и е во интерес на Северна Македонија“, изјави Урсула Фон дер Лејен, претседател на Европската комисија.

„Очекуваме од ЕУ да изнајде модел како да продолжиме на европскиот пат. Имаме легитимни ставови од нашите граѓани кои треба да се почитуваат за да потоа не се соочуваме со други барања спротивни на идеите и вредности врз кои се заснова Европската унија“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.

„Балканската пандорина кутија не смее да стане европска пандорина кутија. Токму во македонскиот случај, ЕУ има можност да го спречи штетниот преседан за да не стане принцип. Ја поздравувам германско-словенечката иницијатива за исклучување на ветото во билатералните спорови. Мораме да дојдеме до ново решение“, смета претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Нон-пејперот на Берлин и Љубљана е всушност квалитетното мнозинство при гласањето во комисијата или советот. Но, тоа може и селективно да биде спроведено. За да го надмине јазот меѓу ветеното проширување и полноправното членство, Унијата воведува нова тактика. Балканските политичари сè почесто на состаноци во Брисел. На декемврискиот самит, потпишана Декларација за засилување на политичките и економските односи-Балканот е срцето на Европа.

„Испраќаме силен сигнал со Бриселската декларација, партнерите од Западен Балкан се со нас“, рече Антонио Кошта-претседател на Европскиот совет.

Во реалноста некои европски актери испраќаат поинакви пораки. Геополитиката го диктира темпото.

„Проширувањето е пред сите приоритети на новата Европска комисија. Обединета Европа мора да биде подготвена да ги одбрани историските постигнувања, поради воената агресија на Русија во Украина. Ова е нова и единствена можност. Но, прозорците нема секогаш да бидат отворени“, изјави Мирослав Лајчак, претставник на ЕУ за Западен Балкан.

Дипломатите говорат меѓу редови, мислат директно. Албанија се одвои од македонското друштво и европското ветување за заедничкиот почеток на преговорите. Одново предуслов е контрадикторниот договор со Бугарија.

„Никој нема право да го оспори идентитетот што постоел со векови вклучувајќи го македонскиот јазик што има корени низ вековите“, смета премиерот Христијан Мицкоски.

Македонија има пријатели меѓу европските политичари, и претседавачот Орбан чие раководење го преземаат Туск и Полска беше зачуден од ригидниот однос на Брисел. Унгарскиот премиер се понуди да посредува меѓу Софија и Скопје.

„Ние сме подготвени и сакаме да работиме на изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо, и за Македонија и за Бугарија. Ја нудиме нашата најдобра помош“, изјави Виктор Орбан-премиер на Унгарија.

Софија го одби предлогот, тврди-спорот не е билатерален, туку европски. Во политиката, особено надворешната, победува факторот време. За Варшава, следниот претседавач, снабдувањето на Украина со оружје и со енергија има предност. И европско-американските релации.

„Сакам да го продолжам дијалогот за глобални прашања, за Кина, Пацификот, енергетската политика, новите технологии, Латинска Америка и Африка. Со Европската унија ќе ги спречиме трговските тензии меѓу Вашингтон и Брисел“, изјави Радослав Сикорски-министер за надворешни работи на Полска.

Од утре новиот претседавач со Унијата, Полска ќе се соочи со политиките кои ќе ги спроведува новиот шеф на Белата куќа, Доналд Трамп. Клучниот двигател на Унијата, Германија, покрај економскиот застој, во февруари спроведува и парламентарни избори. Во екот на тригодишната војна во Украина и политичките турбуленции на глобално ниво, проширувањето на Унијата треба се лоцира во политиките на Брисел и на претседавачот Полска.

Зоран Богатинов