Економски пејсаж за 2024
Стабилизирање на економијата и животниот стандард во 2024-та беа голем предизвик за Македонија. Новата Влада позајми 500 милиони евра од Унгарија...

2024 помина во знакот на економско заздравување од ковид-кризата и последиците од геополитичките случувања што влијаеја и на отворените економии како нашата. Тројното намалување на инфлацијата кон крајот на годинава споредено со онаа на почетокот граѓаните речиси не го почувствуваа. Присутна е скриена инфлација, според Светска банка. Тоа би значело дека литарот не е литар, а килограмот не е килограм, што голем дел од потрошувачите и не го забележуваат кога пазаруваат. За да се заузда трговската алчност, во март се донесе посебен Закон за нефер трговски практики со што сме единствена држава во регионот со ваков закон, а ефектите уште се чекаат, бидејќи не беше прецизирано кој ќе контролира. Сега се знае и од идниот месец ќе паднат и првите казни за тие кои нема да ги почитуваат правилата. Трговците имаа период на адаптација, но го искористија за поскапување, а на потрошувачите им следеше нов ценовен шок во мај кога цените одмрзнаа. Работниците со минималец од 22.567 денари тешко успеваат да ја наполнат потрошувачката кошничка од над 1.000 евра.
Влада: Доколку нема ефекти од новогодишната кошничка, ќе има замрзнати маржи
Владата се реши за нова мерка есенската кошничка, а потоа и новогодишна, која се наполни со над 1.000 производи поевтини за 10 отсто. Анализите се чекаат, а Владата предупреди дека доколку нема ефекти ќе има замрзнати маржи.
Високите цени се резултат и од увозната зависност. Владин приоритет се инвестициите, да се задржи работната сила, да се зголемат продуктивноста и растот, а да се намали увозот. Дојде и задолжување од една милијарда евра, унгарски кредит за поддршка на компаниите, вложувања во инфраструктура, но и за враќање на долгот за еврообврзницата кој ни доаѓа на крајот на јануари.
Пари за бизнисот на почетокот на 2025-та година
За шест месеци шест нови инвестиции и 2.000 нови работни места. Инвестирањето во компаниите од Владата го гледаат како одбранбена алатка за ублажување на последиците од економската криза во Германија, која е наш најголема трговски партнер. Бизнисот парите би требало да ги добие на почетокот на 2025-та. Новиот буџет донесе најмногу пари за образованието и здравството и поголеми плати во администрацијата за зголемување на продуктивноста и мотивирање на работниците.
Од март зголемување на минималецот
Од март се најавува зголемување на минималецот. Со вкупно 31 милион евра ќе има и подобрување на пазарот на труд со квалификувана работна сила. ЕВН ќе испорача новогодишна честитка, со минимално повисока сметка за струја за домаќинствата. Ќе има намалување на мрежарината од 7 отсто. Оптимизмот дека во 2025 конечно можеме да очекуваме економско заздравување економистите и Владата го темелат на најавените инвестиции, особено во енергетскиот сектор. Сенка фрла само рецесијата со која се соочуваат западните земји, што може да влијае и кај нас.
Александра Велинова
