2024: Година на предизвици во светот
2024-та беше година на војни, економска криза, политички превирања, избори, вештачка интелигенција, поплави, пожари. Светот помина низ 12 бурни месеци. Еве дел од настаните што ја одбележаа годината што измина …

Во 2024 година на избори излегоа четири милијарди луѓе меѓу кои и граѓаните од седум од првите десет најнаселени земји во светот. Европската Унија доби нови челници, се потврди напредокот на екстремната десница.
Годината стартуваше со две војни, во Украина и на Блискиот Исток. Преговори и посредништво за мир понудени, на фронтовите илјадници загинати.
Во затвор почина рускиот критичар Алексеј Навални. Четворица напаѓачи убија над 100 лица. Во терористички напад во концертната сала во Москва. Исламската држава го координирала смртоносниот напад.
Владимир Путин го почна петтиот мандат како претседател. Кина и Русија одржаа неколку поморски вежби во рамки на стратешкото партнерство.
Киев за првпат употреби ракети со долг дострел на руска територија. Партнерството Пјонгјанг – Москва се продлабочи, објавени извештаи дека севернокорејски војници се борат на страна на Русија против Украина. Москва употреби ново балистичко оружје, „Орешник“.
„Почнавме сериско производство. Ќе ја произведуваме потребната количина, нешто ќе пласираме на територијата на Белорусија“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Од НАТО и од ЕУ на неколку самит Зеленски побара и доби воена поддршка. Одржана и мировна конференција во Швајцарија, но Русија не присуствуваше.
„Повторуваме, повторно и повторно, дека системите за воздушна одбрана треба да спасуваат животи, а не да собираат прашина во базите за складирање“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Нуклеарната реторика стана секојдневие. Финска и Шведска станаа членки на НАТО. Марк Руте беше избран за генерален секретар на алијансата.
Израел ликвидираше високи лидери на Хамас и на Хезболах. Тел Авив и Техеран си разменија одмазднички оган. Се отвори фронт во Либан, по што беше постигнато примирје, но Израелците почнаа напади врз Хутите во Јемен.
„Како што рековме, кој ќе го повреди Израел, ние ќе го повредиме. Никој нема да може да побегне од долгата рака на Израел“, рече Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Економската криза се продлабочи. Илјадници работници беа отпуштени од работа.
Климатските промени го зедоа данокот. Рекордно високи температури на стариот континент. На самитот за климата во Баку постигнат договор за намалување на последиците.
„Она што го откривме е дека просечниот човек на Земјата доживеал 41 дополнителен ден на опасна топлина како резултат на климатските промени оваа година“, изјави Кристина Дал, потпретседател за климатски науки во Центарот за клима.
Бурата Борис зафати земји во Централна Европа, урагани супертајфуни пустошеа низ САД и Азија. На крајот на октомври историски поплави ја зафатија Шпанија, особено регионот Валенсија.
„Илјадници луѓе видоа како нивните градови, нивните населби, нивните дела, нивните домови, нивните бизниси, нивните училишта беа претворени во урнатини“, изјави кралот на Шпанија, Фелипе шести.
На 5 ноември Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, а републиканците освоија мнозинство во двата дома на Конгресот.
„Не барам да се вратам во минатото. Сакам да ја направам нашата земја успешна. Одмаздата ќе биде преку успех“, нагласи Доналд Трамп.
Во ноември продолжија тешките борби во сириската граѓанска војна, што доведе до соборување на Башар ал Асад, кој побара азил во Русија.
Изминатата година беше турбулентна за британското кралско семејство. Кралот Чарлс и принцезата Кејт Мидлтон беа хоспитализирани за потоа да биде соопштено дека имаат рак.
Во 2024 година, вештачката интелигенција стана дел од секојдневниот живот. Расте опасноста од злоупотреба, ЕУ воведе регулатива.
„Трендовите што ги видовме досега, а особено во 2024 година кога вештачката интелигенција стана составен дел од нашиот живот, дефинитивно ќе продолжи и во 2025 година. Ќе има многу нови можности за работа за користење на вештачката интелигенција и сите различни апликации каде што таа има влијание“, изјави д-р Брендан Енглот, вонреден професор на Институтот за вештачка интелигенција.
Големи антивладини протести почнаа во Србија по падот на настрешница на железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
Годинава се одржаа спектакуларните Олимписки Игри во Париз. Учествуваше и Македонија.
Маријана Димовска
