Нова година

Новата година во Охрид дочекана во прекрасна атмосфера

01.01.2025 11:23

Во Охрид Новата година беше дочекана со многу забава и музика која одекнуваше во секое катче на градот и се разбира со повеќе огномети кои ја надополнија и онака убавата атмосфера. Новото лето се славеше до раните утрински часови, а во текот на денот и во вечерните часови за туристите и охриѓани повторно ќе биде организирана богата забавна програма …

Илјадници туристи од земјава и регионот заедно со своите домаќини во прекрасна атмосфера ја дочекаа Новата 2025 година на градскиот плоштад, во хотелите, рестораните и туристичките населби долж езерскиот брег.

На градскиот плоштад се чини беше највесело, а националноста и јазичните бариери помеѓу славениците не беа пречка тие убаво да се забавуваат, посакувајќи си успешна нова година со многу добро здравје.

„Добро здравје пред сè, благосостојба лична, на сите охриѓани, на сите Македонци и посакувам државата конечно да тргне во вистински правец“.

„Една убава, пријатна атмосфера се шири овде. Има пријателство, има љубов, има греено вино, има се“.

„Фантастично се чувствуваме, преубаво е. Повеќе пати доаѓавме во текот на летото, а овде сме за прв пат во зима. Супер е“, вели турист од Србија.

„Преубаво е, одлично е, се е супер. Задоволни сме од гостопримството, да живее Македонија“, додава друг турист од Србија.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на охриѓани и многубројните гости им посака успешна нова година.

„Охрид е исполнет со туристи, има премногу настани и се надевам дека ќе уживаат во најубавиот град во Македонија, поврзано со моите желби секако дека е многу среќа, успех, љубов, бериќет.многу, многу успех и се надевам искрено како градоначалник дека 2025-та ќе биде успешна не само за Охрид, туку и за Македонија“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Иако највеселата ноќ во годината траеше до раните утрински часови, по традиција голем број туристи и охриѓани претпладнето ги исполнија рестораните и кафетериите во охридската чаршија каде што општина Охрид организира забава со познати естрадни уметници.

Сашо Нелоски