свет

Прославата за Нова година во сенка на војните на Блискиот Исток и Украина

01.01.2025 17:36

На различен начин прославено доаѓањето на 2025 година во светот. Многу метрополи блеснаа во сиот сјај, но во сенка на прославите војните на Блискиот Исток и во Украина, продолжија во страв и желби за мир. На првиот ден од годината Полска го презема претседавањето со ЕУ...

Со традиционалното „паѓање на топката“ на Тајмс Сквер и дожд конфети врз стотиците илјади луѓе одбележан почетокот на новата 2025 година во Њујорк.

Во новата година заѕвони и Лондон. Спектакуларен огномет на бреговите на Темза. Лондонското око во светлечко шоу.

Триумфалната капија на Шанзелизе блесна во сиот сјај. Градот на светлината го оправда своето име. Небото над Париз исполнето во милион бои.

„Да бидеме среќни и да станеме секој ден, да уживаме во животот затоа што е краток“.

Претседателот Макрон првпат му призна на својот народ дека одлуката за распуштање на парламентот создала повеќе поделба отколку решенија за французите, повикувајќи ги на европско будење.

„Оваа одлука произведе повеќе нестабилност отколку спокојство и јас го земам мојот целосен удел за тоа. Надежта, просперитетот и мирот ќе зависат од нашите избори. Затоа, во 2025 година, ќе продолжиме да одлучуваме“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Канцеларот Шолц ги повика Германците да се држат заедно и покрај лошата економија, додека над берлинската Брандербуршка порта огномет и ласерски светла го пробиваа ноќното небо. Пет лица загинаа од пиротехнички средства. Илјадници грузијци новогодишната ноќ ја дочекаа демонстрирајќи го проевропското единството пред парламентот во Тбилиси.

„Ова е навистина несекојдневна волшебна Нова година. Се надевам дека ќе биде прослава на победата“, изјави Ото Гулбани, Грузиец.

Конфликтите на Блискиот Исток и во Украина, ги намалија признанијата за почетокот на 2025-тата. Оружјето не мирува ниту на првиот ден од годината во Газа, дочекана во страв и желби за мир.

„Денес ми е роденден. Мојата желба во новата година е да се вратам дома, да направам забава и да ги поканам сите мои пријатели и семејството“, изјави Сара Хасан, раселена Палестинка.

Продолжија нападите и врз Украина, додека Зеленски го казнува Путин прекинувајќи го транзитот на руски гас преку земјата кон Западот. Се надева на праведен, додека Москва не отстапува од условите за траен мир.

„Верувам дека заедно со новото раководство во САД ќе можеме да ја принудиме Русија на праведен мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

„Си поставивме големи цели и ги постигнавме, ќе одиме само напред“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Соседот на Украина Полска го презема претседавањето со унијата во наредните 6 месеци. Клучно е снабдувањето со оружје и енергија. Секако европскиот однос кон Киев ќе зависи и од релациите на Брисел со Вашингтон.

 

Бојана Крстевски