регион

Илјадници демонстранти и студенти ја претворија Новата година во протести во Белград

01.01.2025 14:45

Наместо прослава, илјадници демонстранти и студенти ја претворија Новата година во протести во Белград и низ Србија...

Десетици илјади демонстранти во Белград предводени од студентите ја дочекаа Новата година со прошетка, блокади и петнаесетминутно молчење поради незадоволството од власта и за тргедијата на железничката станица во Нови Сад.

„Тука сме да им подготвиме храна за студентите, најсовесниот и најквалитетниот кадар во Србија, кои решија да ги избуткаат работите до крај против режимот, и ние не треба да им се наметнуваме туку да им бидеме поддршка“, изјави проф. д-р Душан Туфекџиќ – земјоделски експерт од Шабац.

Под слоганот „Нема Нова година – уште ни должите за старата“, демонстрантите непосредно пред Новата година, правејќи бучава се упатија кон Студентскиот плоштад, блокирајќи ги улиците, поминувајќи крај главниот плоштад каде имаше новогодишна прослава, но и блокада за нивен влез.

И додека демонстрантите кружат околу плоштадот, овде на плоштадот има концерт со многу помалку луѓе и со поинакви желби за Новата година.

На ваков начин студентите дополнително сакаа да укажат на одговорноста на властите за општествената и политичката криза како резултат на тешките последици од негрижата, злоупотребата и корупцијата што ја предизвикаа трагедијата во Нови Сад.

„Барањата се сите документи да се објават, да се осудат оние што ги напаѓаа студентите, очекуваме правда и додека не ја добиеме, нема престанок на блокадите“, изјави студент.

„Овдека сме да ги поддржиме студентите, нивните барања и да порачаме дека – Не влегуваме во Новата, оти сè уште сте ни должни за старата година“.

„Мора да дојде до некоја последица за нешто да се промени“.

Претседателот Вучиќ изјави дека сите барања на студентите се исполнети, дека е подготвен за разговори и дека нема да го сменат преку улични протести.

 

Оливер Бранковиќ