Јаков е првото бебе родено во Новата година
Детски плач му даде надеж на први јануари. Секунда по полноќ се роди момче на Клиниката за гинекологија, неколку секунди по него пристигна девојче во Чаир …

Јаков е првото родено бебе во Новата година, но и прва рожба за семејството Догазански. На свет дојде една секунда по полноќ. 32-годишната Сања го родила со царски рез, со тежина од три килограми и 190 грама.
„Терминот беше малку подоцна во јануари, но не изненади порано, непланирано, но убав подарок за Нова година“, вели Сања Талевска Догазанска.
Дежурната екипа на ГАК имала напорно дежурство, само во Новата година родени се пет бебиња. За докторите ова е знак дека нè чека убава година.
„Ако денот се познава по утрото можам да кажам дека ќе имаме навистина плодна и бериќетна година, затоа што само една секунда по Новата година ние го породивме Јаков. На свет дојде жив машки плод со родилна тежина од 3.190 грама и 50 см. Јаков по името навестува убава и јака година“, изјави д-р Ирена Алексиоска Папестиев – директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Неколку секунди по Јаков, во болницата во Чаир се роди женско бебе, Аја. Двете бебиња добија по два златника, еден од Министерството за труд, другиот од семејството на премиерот.
„Се чини 2025 година навистина ќе биде бериќетна бидејќи во иста минута се родија две бебиња. Првото тука на Клиниката за гинекологија, за неколку секунди подоцна родено е уште едно девојче на Клиниката во Чаир“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
„Тука сме да го доделиме златникот кој традиционално низ годините се доделува на првороденото детенце и секако тука сме да се грижиме за најмладите, кога ќе го поминат овој процес тука, да дојдат во градинките и да бидат дел од детската заштита кај нас“, нагласи Ѓоко Велковски, заменик – министер за труд, социјална политика и демографија.
На Клиниката за гинекологија во 2024 година биле родени 3.873 бебиња, секоја година бројката е сè помала. За пораст на наталитетот потребна е стратегија.
Машка или женска година е сосема сеедно. Новата година нека биде среќна и бериќетна и што е најважно да бидеме во добро здравје.
Андријана Ѓурческа
