САД

Претседателот Бајден со остра осуда за терористичкиот напад на новогодишната ноќ во Њу Орлеанс

02.01.2025 09:48

Бајден со остра осуда за терористичкиот напад во Њу Орлеанс во кој загинаа 15-тина лица, а 35-тмина беа ранети откако возило влета во толпа луѓе на улицата „Бурбон“ на новогодишната ноќ. Американските власти ја истражуваат поврзаноста на експлозијата на возило „Тесла“ пред хотелот на Трамп во Лас Вегас...

Американскиот претседател Бајден го осуди терористичкиот напад на новогодишната ноќ на улицата „Бурбон“ во Њу Орлеанс, каде загинаа 15 луѓе, а најмалку 35 беа повредени. Шефот на Белата куќа ги потврди информациите дека 42-годишниот напаѓач од Тексас, Шамсуд Дин Џабар бил инспириран од ИСИС, иако долги години служел во американската армија, а бил дел и од резервниот состав. 

„До фамилиите на оние кои беа убиени. До сите оние кои беа ранети. До сите од Њу Орлеанс кои тагуваат – сакам да знаете дека тагувам со вас, нашата нација тагува со вас. Ќе бидеме со вас додека ги оплакувате и додека закрепнете во неделите кои се пред нас. Им благодарам на безбедносните служби кои го запреа напаѓачот пред да убие или повреди уште повеќе луѓе.“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Дин Џабар со пикап возило влета во топла луѓе, со намера да убие што е можно повеќе. Тој пукал и ранил двајца полицајци и загинал во престрелката со силите на редот. Но, тој не е единствениот вмешан во терористичкиот напад. Обвинителството потврди дека се трага по повеќемина и оти биле пронајдени и експлозивни направи во изнајмена куќа.

„Знаеме дека има поврзаност меѓу куќата и местото на нападот. Таму имаше и пожар и веруваме дека се обидувале да се ослободат од доказите. Повеќемина се вмешани. Едниот е починат на самото место, но и друтите се уште се на слобода.“, изјави Лиз Мјурич, главен обвинител на Луизијана.

Џабар, кој ги покоси луѓето на познатата улица во францускиот кварт само неколку часа пред злосторството објавувал видеа на социјалните мрежи, кои сугерирале дека бил инспириран од ИСИС и оти имал желба на убива. Во пикапот е пронајдено и знаме на ИСИС.

„Работиме да потврдиме како субјектот го поседувал знамето на ИСИС лоцирано во возилото и на утврдување на потенцијалните здруженија и припадности на субјектот кон терористичките организации. Не веруваме дека Џабар е единствениот одговорен.“, изјави Алетеа Данкан, помошник-специјален агент на ФБИ.

Во меѓувреме, се истражува дали нападот е поврзан со експлозијата на возилото „Тесла сајбертрак“ пред хотелот Трамп во Лас Вегас, каде возачот загина, а седуммина беа повредени.

 

Мартин Пушевски