Интервју за МИА

Мицкоски: Подготвен сум за разговор за каква било идеја која води кон национално помирување

02.01.2025 11:04

Во секое време сум подготвен да разговарам со кој било политички актер, за каква било идеја којашто води кон национално помирување за државните стратешки интереси – ова е пораката која премиерот Mицкоски ја испрати во новогодишното интервју за агенцијата МИА. Тој повика да се надминат дневно- политички разлики. Шефот на Владата остана на ставот дека е потребно распуштање на Судскиот и на Советот на јавните обвинители...

Премиерот Мицкоски е подготвен да разговара со кој било политички актер, кој има каква било идеја, која води кон национално помирување за државните стратешки интереси. Во интервју за државната МИА, шефот на Владата нагласува дека е добро што идејата за заедничка стратегија, и од власта и од опозицијата, е сѐ поприсутна и се втемелува во јавноста. Со лидерот на СДСМ Филипче, досега не разговарал за оваа тема, но рече дека имаат чести средби како и со останатите политичари во Собранието додека се одржуваат пратеничките прашања. Односите во владината коалиција ги оценува како исклучително квалитетни, на високо ниво, а сите недоразбирања, како што истакнува Мицкоски, ги надминуваат со разговор.

„Добро е што ова е сѐ поприсутно во јавноста, добро е што зафаќа темел, има свој корен и добро е да имаме ваков тип на дебати, во коишто ќе имаме национално обединување и јас тоа го поздравувам. Се разбира и секогаш сум подготвен да разговарам со секого којшто има било каква идеја или предлог којшто значи национално помирување, да ги немаме оние дневни ад хоминем политички разлики“, вели Мицкоски.

Се поткопуваат темелите на мултиетничката држава

За тезите на ДУИ дека со укинувањето на балансерот и ставањето на Законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд, се поткопуваат темелите на мултиетничката држава и Рамковниот договор, Мицкоски вели дека партијата повторно се обидува преку етнички тензии и поларизација да го привлече вниманието во јавноста.

Комуникација со Ахмети има во рамки на Парламентот, но посуштинска средба немале. За споредбите меѓу бегствата на Груби и на Груевски и колку системот потфрла, Мицкоски вели дека проблемот не е целосно таму, туку и во човечкиот фактор, бидејќи сѐ уште имаме партизирани институции.

Подготвеност за дијалог и со највисоките бугарски претставници

Во однос на евроинтеграциите и пораките од последниот самит во Брисел, Мицкоски вели дека европските лидери не го нарекуваат процесот повеќе проширување, туку повторно обединување на Европа со Западен Балкан.

Реформи се потребни, но не смее да се дозволи билатерализација на процесот, потенцира Мицкоски, а за поддршката за уставни измени со одложено дејство нагласува дека никој однапред не кажал „не“. Подготвен е за дијалог и со највисоките бугарски претставници.

Обвинителите и судовите да се ослободат од партиските стеги

За реформите на правосудниот систем и за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Мицкоски вели дека актуелниот состав на Судскиот совет можеби има легалитет, но не и легитимитет кај граѓаните.

За премиерот, ветингот по примерот на Албанија не е најдоброто решение, бидејќи имаме одлични закони, но смета деке е потребно обвинителите и судовите да се ослободат од партиските стеги.

 

Милчо Велески