Масакр во Цетиње

Во Црна Гора тридневна жалост, ќе заседава и Советот за безбедност

02.01.2025 18:17

Седум мажи, три жени, двајца малолетници – вкупно 12 загинати и четворица повредени е крвавиот биланс од масакрот што на првиот ден од новата година се случи во Цетиње. Осомничениот, Ацо Мартиновиќ се самоубил откако бил опколен од полицијата. Мотивите за злосторството сѐ уште се истражуваат. Во Црна Гора прогласена тридневна жалост, ќе заседава и Советот за безбедност...

Тридневна жалост во Црна Гора по масовното убиство во Цетиње. 45-годишниот напаѓач Ацо Мартиновиќ, кој уби 12 и рани четворица, е мртов- соопштија властите. Се обидел да се самоубие откако бил опколен од полицијата, починал на пат кон болница.

„Кога сфатил дека нема излез се обидел да се самоубие. Тој не почина на лице место, туку во текот на транспортот до болница. Дозволете ми сега да ја пренесам пораката за мир, што е најважно за жителите на Цетиње за да можат да се вратат на својот нормален живот“, изјави Данило Сарановиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора.

На убиствата им претходела расправија в кафеана по што Мартиновиќ заминал и се вратил со оружје усмртувајќи го сопственикот на локалот и неговите деца, како и членови на сопственото семејство. Според официјалните лица, убиствата ги извршил на шест локации.

Излегов на истрага на шест различни локации,тоа се шест места на злосторство. Утврдивме дека се убиени 12 лица, меѓу кои и две деца“, рече Андријана Настиќобвинител.

Роднините во шок.

Меѓу загинатите е и синот на мојата тетка. Децата што беа убиени се деца на мојот друг братучед. Што се однесува до овој човек, убиецот, навистина не знам кој е, сите сме шокирани“, изјави Вања Поповиќ, роднина на еден убиен и друг ранет.

Премиерот на Црна Гора при посетата на ранетите во Клиничкиот ценар најави дека ќе се размислува за целосна забрана за поседување огнено оружје.

„Ова е страшна трагедија што не погоди сите во Цетиње, односно селото Бајице кај Цетиње. Имаме четворица тешко повредени кои се во Клиничкиот центар. Лекарите се борат за нивните животи“, изјави Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора.

Од болницата потврдија дека сите повредени се во животозагорзувачка состојба, тројца од нив се стабилни, а четвртиот пациент кој се здобил со повеќе повреди е во потешка состојба.

Она што можам да ви кажам утринава за состојбата на пациентите во нашата болница е дека тројца од нив - двајца машки и една жена - се во стабилна состојба. Тие синоќа беа оперирани. Четвртиот пациент состојбата е исклучително критична тој добил повреди на главата“, изјави д-р Александар Радовиќраководител на ККЦГ во Подгорица.

Мартиновиќ од претходно и е познат на црногорската полиција кога при претрес во 2022 година кај него биле пронајдени воздушна пушка и експлозив.Ова е второ масовно убиство во Цетиње во последните две години.

Во 2022 година загинаа десет лица, а шестмина беа ранети кога напаѓач со ловечка пушка пукаше кон соседите, екипата на Итната медицинска помош, припадниците на полицијата и случајните минувачи, пред да биде ликвидиран од полицијата.

 

Бојана Крстевски