Грипот коси, расте бројот на случаи
Грипот коси. Во последната недела на изминатата година се пријавени над 220 случаи, за речиси 60 проценти повеќе, споредено со претходната седмица. Лекарите објаснуваат – прославите си го направија своето. Пикот на заразазата сè уште не е достигнат...

Празничната еуфорија, предновогодишните забави во затворено и пазарувањето во трговските центри и маркети придонесоа за побрзо ширење на грипот. Забавите завршија, сега ординациите на матичните лекари полни. Пациентите најчесто имаат покачена температура, болки во целото тело, грлото, некои доаѓаат со иритирачка кашлица. Дел од симптомите се исти на Ковид-19, интензивните контакти меѓу луѓето го раширија грипот. Доктор Вановски забележува зголемување на прегледите за 30 проценти.
„Собирањето во кафулињата и во домашни услови еден да е заболен речиси сите заболуваат. Многу често доѓаат пациенти се жалат на изнемоштеност, треска, температура, овој период се актуелни предновогодишните забави, а мислам дека и ќе продолжи поради тоа што сега е периодот на дружења и честитање нова година“, изјави д-р Ѓорѓи Вановски - матичен лекар.
За една недела повеќе од 220 граѓани со симптоми на грип регистрира Институтот за јавно здравје или за 60 проценти повеќе од претходната. Речиси половина од заболените се на возраст од 15 до 64-годишна возраст.
Пикот на грипот допрва доаѓа.
Зголемување на бројот на заболени се очекува кон крајот на месецов откако ќе заврши зимскиот распуст и децата ќе се вратат во училишните клупи.
Од почетокот на сезоната на грип заболеа над 1.000 граѓани. Препораката од лекарите е почитување на мерките за заштита. Најдобра превенција е вакцинацијата, во земјава повеќе од 70 илјади граѓани се заштитени од грип.
Андријана Ѓурческа
