Туризам

Опаднат интересот за зимување

02.01.2025 14:43

Дел од граѓаните, спас од загадениот воздух бараат на планина. Во игра се и домашните и странските ски центри. Некои одат преку агенција, други во сопствена режија. Но, и агенциите и граѓаните кои ги анкетиравме потврдуваат дека поради скапотијата, интересот е опаднат.

Зимувањето станува луксуз. Граѓаните се жалат дека немаат пари, а туристичките агенции потврдуваат слаб интерес.

Како опција за бегство од загадениот воздух на граѓаните им се нудат ски центри и планините. Но, интересот за зимскиот туризам опаѓа.

„Планираме ама ќе видиме, на Копаоник најверојатно“.

„Со кои пари? Не само за зимување и за преживување и за било кои викенди и продолжени празници апсолутно не“.

„Нема да одиме поради работни обврски инаку стандардот за кого како“.

„Тешко. Кој има пари оди кој нема си седи дома“.

„Банско. Кај нас се уште нема услови. Ниту сместувачки капацитети, нити организација“.

„Па баш вчера бевме на Шапка и реално има услови, ама не е одржана механизацијата и инфраструктурата, не е како што треба. Можев нога да искршам зошто беше крш жичарата така да има потенцијал, ама не е искористен“, велат анкетирани граѓани.

Интерес за зимување има, но не како порано, потврдуваат и туристичките агенции. Банско,Боровец,Копаоник се најпосакувани дестинации од соседството, но, некои се решаваат и за домашните туристички центри. Многу одат во приватна режија, дел, пак, ги користат услугите на агенциите.

„Моментално најголем интерес имаме за бањите посебно за Пролом бања,Куршумлиска бања,Луковска бања. Истите имаат убави пристапни цени, најчесто одат фамилијарни луѓе, а исто и повозрасната категорија на луѓе сакаат да ги посетат бањите. Искрено многу е мал интересот за во нашата земја, дали овие месеци 5 барања сме имале за во Македонија. Луѓето можат и сами да си најдат аранжман за во Македонија, ама лично кај нас како агенција многу малку“, изјави Теодора Топаловска, вработена во туристичка агенција.

„Интересот на граѓаните конкретно во туристичките агенции не е голем за зимување во нашата земја. Оние коишто го прават тоа резервираат директно во самите хотели, а со оглед на тоа дека цените во македоснките хотели речиси се исти како да одат на зимовање и надвор од нашата земја повеќето се решаваат за зимовање во Банско или пак одат еднодневно дали до Пелистер,Попова Шапка, Маврово“, изјави Елизабета Кочева – Јосифовска, вработена во туристичка агенција.

Македонските граѓани повеќе сакаат да одмораат на море, а поретко одат на зимување.

 

Ана Јосифоска