Глоби до 20.000 евра

Почнува примената на казнените одредби од Законот за нефер трговски практики

02.01.2025 16:54

Во новата година почна примената на казнените одредби од Законот за нефер трговски практики. Предвидени се глоби и до 20.000 евра. Со решението треба да се заштитат потрошувачите и да се ограничат дополнителните трошоци...

До 31-ви декември трговците добиваа само опомени, а отсега казни доколку работат спротивно на Законот за нефер трговски практики. Стартуваат казнените одредби, глобите достигнуваат и до 20.000 евра. Од Комисијата за заштита на конкуренција, која е надлежна за контролите, за МТВ велат дека досега немаат добено ниту пријави, ниту барања за поведување прекршочна постапка. Комисијата кадровски се доекипира. Изминатите месеци активно се работело на разјаснување на сите дилеми кои произлегуваат од новините.

Се очекува Законот да воведе ред во делот на регулирање на односите на сите инволвирани страни во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, а пред сè, да се ограничат дополнителните трошоци што се наметнувале досега за складирање, реклама, маркетинг и да се ограничи рабатот на најмногу до 10 проценти. И покрај законот, граѓаните забележуваат за растот на цените.

Законот за нефер трговски практики беше донесен со цел справување со инфлацијата.

 

Викторија Милевска