Црна Гора им оддава почит на 12-те жртви во масакрот во Цетиње
Со минутен молк и палење свеќи, граѓаните на Црна Гора им оддаваат почит на 12-те жртви во масакрот во Цетиње. За убиецот бил баран психијатриски преглед, а препишана му била и терапија. Ранетите се во стабилна состојба, тројца од нив се одвоени од апаратот за дишење. Ќе заседава Советот за национална безбедност...

Со минутен молк, свеќи и пораки во книгите на жалост, граѓаните на Црна Гора им оддаваат почит на 12-те жртви во масакрот во Цетиње. Меѓу сограѓаните, и ожалостените кои пред две години во истиот град во слично пукање ги загубија своите најмили. Прстот го вперија во владата, велат – мора нешто да преземат.
„Ќе мораат, јас ќе им отидам, заради сите деца. Кога моите Марко и Машан заминаа се борев за другите деца да можат да живеат, но не ме слушнаа, е сега добро ќе ме слушнат. Убиецот не ги нареди сите жртви на едно место за да може да ги убие одеднаш. Одеше од куќа до куќа. Каде беше полицијата? Тие се обични кукавици“, изјави Весна Пејовиќ-мајка на убиена ќерка и внуци во Цетиње во 2022 година.
„Ова навистина боли, тоа е трагедија за целиот град, ужасна трагедија. Нашето општество треба да работи подобро за да спречи вакви работи повторно да се случат“, изјави Борис Бастац – жител на Цетиње.
Слични пораки пристигнаа и од граѓаните на Подгорица. На масовното бдеење на плоштадот се приклучија и претседателот Милатовиќ со сопругата.
„Се чувствувам лошо. Не можам да верувам дека толку многу потфрливме како општество. Не успеавме ниту како луѓе. Каде беа овие пријатели, кумови на убиецот за да му помогнат кога знаеле дека не се чувствува добро? Сега сите знаат дека тој не беше добро“, изјави Мира Шкориќ-пензионерка од Подгорица.
Од црногорското МВР тврдат дека реагирале навремено и биле спроведени сите оперативни активности, а крвавиот пир бил извршен за само 30 минути. Додаваат и дека Мартиновиќ во 2005 бил на условна казна поради насилничко однесување, а потоа во 2022 година и првостепено осуден на затворска казна поради нелегално поседување оружје и експлозив, за што постапката по жалбата и натаму е пред Вишиот суд.
„Важно е да се нагласи дека полицијата во таа ситуација го препозна девијантното однесување на ова лице и поведе барање до Здравствениот дом за психијатриско вештачење. Лекарите тогаш му препишале терапија, но не го упатиле на лекување“, изјави Лазар Шчепановиќ – в.д. директор на полициската управа на Црна Гора.
Сите модулации, па дури и целосна забрана за оружје остануваат во фокусот на состанокот на Советот за национална безбедност. В недела во земјата се организира првиот собир на граѓани за оддавање почит на жртвите со 12 минути молчење.
Бојана Крстевски
