Воен конфликт

Се дејствува во повеќе правци на фронтот во Украина, продолжува битката со беспилотни летала

03.01.2025 12:40

На нешто повеќе од месец дена пред навршување три години од почетокот на војната, во Украина Русите дејствуваат на повеќе правци на фронтот. Во тек е битката со беспилотните летала. Украинската одбрана собори 50-ина од 70 руски дронови кои создадоа хаос во Киев проследен со ечењето на сирените за воздушна тревога. Украинците возвратија со напади во внатрешноста. Нападнати се шест руски региони. По затворањето на украинскиот вентил за транзит на руски гас, цената на берзите вртоглаво расте, словачкиот премиер Фицо се закани со контрамерки поради годишната загуба на Братислава од 500 милиони евра…

Европа има алтернативни извори за снабдување со енергенси, подготвена е за новонастанатата состојба по прекинувањето на дотур на руски природен гас низ Украина. Словачкиот премиер Фицо за разлика од колегите во Брисел е незадоволен од одлуката на Киев. Во најавените контрамерки најави укинување на повластениот однос на Словачка кон 130 илјади украински бегалци.

„Саботажа на Зеленски со што ги уништува словачките јавни финансии и ја оштетува целата Европска унија. Со едностраното запирање на рускиот природен гас, ние губиме околу половина милијарда евра годишно. Унијата губи околу 60 до 70 милијарди евра во гас и поради зголемените цени на електричната енергија. Руската Федерација останува нечепната. Од ова добиваат само Американците од извозот на енергенсите во Европа“, изјави Роберт Фицо-премиер на Словачка.

Фицо се закани и со запирање на извозот на електричната енергија во Украина. Во вторник, за ова ќе се разговара во Брисел, по што следуваат словачките контрамерки. Во Молдавија веќе почнаа со прекините на енергијата. Сепак, за претседавачот Полска, ова е украинска победа против Русија. И против Унгарија и Орбан која има поблиски релации со Путин. На гала-отворањето во Варшава ќе има преземање, но не и примопредавање со претседавањето со Унијата.

„Виктор Орбан не е поканет на преземањето. Порано имавме пријателски односи, овојпат е целосно различно. Не е добредојден ниту унгарскиот амбасадор“, изјави Магдалена Собковјак-државна потсекретарка за европски прашања на Полска.

Додека Европа се обидува обединето да настапи за Украина, Зеленски е благодарен за итната испорака најсовремена американска опрема, на системите „Патриот“, преку НАТО. Во очекување за поддршката на Трамп на Украина, Зеленски не се откажува од иницијативата на Макрон за распоредување француски или европски сили во Украина.

„Не е доволно само да биде Франција. Има една до две држави. Ова мора да биде предлог на НАТО, со што распоредувањето на европски сили, поддржано од Лондон, не го исклучува членството во Алијансата. Со ова ќе ја вратиме територијата по дипломатски пат“, рече Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Зеленски смета и дека офанзивата во Курск е адут за Киев при можните мировни преговори. Психолошките операции за време на војната не знаат за граници. Официјална Варшава ја демантира информацијата проширена низ украинските бегалци во Полска за наводна регрутација на фронтот во Украина. Украинците добиле лажни писма за мобилизација.

Зоран Богатинов