Регион

Студен бран и нови снежни врнежи во западниот дел на Балканот

03.01.2025 18:10

Во регионот на Западен Балкан пристигна најавената промена на времето, која донесе значителен пад на температурите и нови снежни врнежи...

Во делови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија почна да врне дожд, а на места и снег, а надлежните служби издадоа предупредувања за обилни врнежи, ниски температури и силен ветер. За подрачјето на Бања Лука и Бихаќ е издадено портокалово предупредување поради силен ветер, додека жолто предупредување поради врнежи е на сила во останатиот дел од земјата.

Во Хрватска снег паѓа во Лика, Горски котар, но и во внатрешноста, во Загреб, Карловац, Сисак, Бјеловар и Кутина. Како што најавија хрватските метеоролози, на копното се очекува да се формира снежна покривка, особено во планинските предели каде би можеле да паднатнад 30 сантиметри нов снег.

Падот на температурите и во Србија носи лапавица и снег – претпладне на западот на Војводина и на западот на Србија, а постепено од средината на денот и во другите области, претежно јужно од Сава и Дунав. Престанување на паѓањето снег се очекува кон крајот на денот и во текот на ноќта.

Заводот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора соопшти дека кон крајот на денот на северот од земјата, на планините и во пониските предели се очекува умерен до обилен снег.