Попоски- Рифаи: Можност за проширување на туристичката сезона во Македонија

29.07.2014 12:11

Попоски и Рифаи разговарале за можностите за проширување на туристичката сезона во Македонија, за креирање маркетиншка стратегија за одржлив туризам, за обука на туристичките работници и менаџери ...

Министерот за надворешни работи Никола Попоски и генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи, на денешната средба во Скопје разменија мислења за унапредувањето на регионалната соработка во областа на туризмот во Југоисточна Европа и начините како да се искористи близината на овој регион до европските пазари, соопшти МНР.
 
„Во денешниот глобализиран свет, мошне актуелно прашање е развојот на макродестинациите, а сметаме дека тука има простор за соработка меѓу балканските земји“, истакнал Попоски. 
 
Наша цел, како што рекол, е да се зголеми бројот на туристи кои доаѓаат во Македонија.
 
„Но најмногу да ги натераме туристите да останат подолго и да дојдат повторно. Сметам дека Светската туристичка организација е нашиот вистински партнер за остварување на оваа цел“, нагласил министерот.
 
Попоски и Рифаи разговарале за можностите за проширување на туристичката сезона во Македонија, за креирање маркетиншка стратегија за одржлив туризам, за обука на туристичките работници и менаџери и за нови идеи и начини за максимално искуристување на туристичките потенцијали на Република Македонија.
 
Нашата крајна цел е преку развојот на туризмот да го поттикнеме натамошниот економски раст на Македонија и да овозможиме нови вработувања, истакнал Попоски.
 
Генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи има големо искуство во областа на туризмот и е заслужен за создавањето на првиот археолошки парк во Јордан во познатиот локалитет „Петра“. Тој престојува во официјална посета на Република Македонија на покана на министерот Попоски.