Пронајдено телото на четвртата жртва од трагичната несреќа кај Рашче
Од водите на Вардар извлечено телото на мажот – четврта жртва од сообраќајната несреќа кај Рашче. Во денешната потрага вклучени дронови и армиските волци. Состојбата на повреденото дете подобрена, во Грчец тага по загубените животи …

По повеќе од 20 часа, заврши потрагата по последниот патник од трагичната несреќа кај Рашче. Телото на 56-годишниот маж е извлечено од водите на Вардар. Течението на реката го пребаруваше единицата „Тигри“, ЕБР, армиски ловци. Се бараше и со дронови. Условите отежнати, дополнителен проблем создаваше маглата.
„Возилото успеавме да го извлечеме до 23 часот. Во возилото имаше тројца од патниците, за жал, починати. Исцрпени, уморни утрово повторно почнавме да го пребаруваме теренот, коритото на реката Вардар“, Артан Демири од доброволното противпожарно друштво од Чаир.
Освен мажот, три жени на 23, 25 и 59-годишна возраст го загубија животот откако возилото „ауди а4“ излетало од патот и паднало во реката. Се спаси 4-годишно дете, кое паднало од автомобилот пред возилото да заврши во Вардар. Тие биле роднини кои тргнале од Грчец и преку Рашче требало да стигнат во Радуша. Жителите на Грчец велат – не паметат ваква трагедија, дел од нив до доцна во ноќта останале на местото на несреќата. Според нив, лизгавиот пат довел до трагедијата.
„Бевме на местото на несреќата, патот беше лизгав. Тие постеле и сакале да одат во Радуша да јадат, на Ифтар. Тргнале фамилијарно со две возила. Ова бил вториот автомобил, возилото се излизгало и сите четворица паднале во вода, имаше и дете, тоа за среќа се спасило“, изјави жители на Грчец.
Четиригодишното дете е во стабилна состојба, без животозагрозувачки повреди и ќе биде пуштено на домашно лекување. Згрижено е на клиниката за детска хирургија и е со неговата мајка.
„Изутринава беа земени дополнителни биохемиски иследувања, кои беа потребни да се следи неговата состојба, параметрите се уредни, детето е веќе префрлено на оддел. Во многу скоро време ќе биде пуштено на домашно лекување, тоа е надвор од животна опасност. Дежурната екипа оствари комуникација со мајката и веќе се заедно“, д-р Лазе Јовчевски – директор на Клиниката за детска хирургија.
Од Обвинителството велат, и покрај исклучително тешките услови и непристапниот терен, обезбедени се траги и докази за да се утврдат причините за несреќата. Возилото го управувала една од загинатите жени.
Од Обвинителството велат дека автомобилот ќе биде даден на вештачење. Се разговара и со очевидци на настанот со цел да се утврдат сите околности кои довеле до несреќата.
Андријана Ѓурческа
