Велес

Поради нарушена стабилност забранет за сообраќај мостот на Вардар кај Башино село

03.01.2025 17:20

Мостот во велешко во близина на Башино село, не е безбеден за возење и од денеска е во целосен прекин. Премиерот Мицкоски најави реконструкција и изградба на нов мост...

Во текот на вчерашниот ден Јавното претпријатие за државни патишта добило информација од Градежен факултет дека мостот на реката Вардар кај Башино Село, за влез во Велес е во многу лоша состојба и е потребно негово затворање.

Бидејќи мостот се користеше за транспорт на стока од регионот на Азот, огревно дрво, камен од ископите но и репроматеријал за фабриките во градот и нивните готови производи, сега истите ќе мора да се транспортираат низ велешките улици. Градоначалникот најави дека тоа ќе се врши во ноќните часови. Премиерот Христијан Мицкоски илустрираше во каква состојба е конструкцијата на мостот.

Постојниот мост, чија стабилност е нарушена, стар е 53 години, изграден од ЈНА во 1971 година како времен, во должина од 101 метар. Тој е армирано-бетонски полумонтажен тип на мост. Како времено решение неговата санација, до изградба на нов мост, треба да трае три месеци.

Петар Печков