Новиот тренер на Манчестер Јунајтед со кадровски дилеми во подготвителниот период

Ван Гал: Купувам играчи само ако со нив го подобрувам мојот состав

29.07.2014 13:10

Холанѓанецот вели дека бил принуден да ја користи оваа формација на подготвителните натпревари со Лос Анџелес Галакси и со Рома во САД...

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед Луј Ван Гал нема да брза со ангажман на нови играчи, иако тренерската кариера на трофејниот клуб ја почна со тактички систем 3-4-1-2 со крилни бекови, којшто е невообичаен за англискиот фудбал. Холанѓанецот вели дека бил принуден да ја користи оваа формација на подготвителните натпревари со Лос Анџелес Галакси и со Рома во САД, но иако „црвените ѓаволи“ на нив постигнаа дури десет гола, тој смета дека составот со којшто располага нема баланс.

„Не купувам фудбалери, само за да купам фудбалери. Купувам само за да го подобрам мојот состав“, е ставот на 62-годишниот стручњак.

Еден од неговите главнио предизвици ќе биде да го извлече најдоброто од Вејн Руни, Хуан Мата и од Робин Ван Перси, тројцата фудбалери коишто ги смета за најважни во плановите значително да ги подобри резултатите на клубот по седмото место во Премиер Лигата во минатата сезона под водство на Дејвид Мојс.

„Тоа беше и една од причините зошто решив да играме со оваа формација. Во неа можам да играм со сите нив тројца. Тоа е многу важно. Го одбрав системот според квалитетот на составот којшто го имам. Руни би го преферирал како напаѓач или како „десетка“, иако самиот вели дека може да игра и на крилните места. Да не заборавиме дека во шпицот можат да бидат о Чичарито и Велбек“, објаснува Ван Гал за дел од дилемите со коишто се соочува.

Формацијата 3-5-2 Луј Ван Гал ја користеше и како селектор на Холандија на СП во Бразил, на коешто пред половина месец „лалињата“ го освоија третото место.