Расте бројот на жени во македонските нуркачки клубови
Припадничките на понежниот пол веќе не се во подредена улога кога станува збор за нуркањето како спорт. Нивниот број во македонските нуркачки клубови постојано расте, а инструкторите велат дека се подисциплинирани од нивните машки колеги и скоро секогаш ги исполнуваат целите кои ги зацртале...

Под вода нема пол, нема машко или женско, сите сме еднакви, сите сме нуркачи и сме дел од подводниот свет. Ова е мотото на 17-годишната Мила Јовановиќ која за првпат започнала да нурка со својот татко на 12-годишна возраст, а една година подоцна добила и сертификат за нуркање. Таа е една од повеќето млади нуркачки во Охрид која го скрши митот дека нуркањето е привилегија само на мажите.
„Подводниот свет е волшебен и секое нуркање носи свои изненадувања. Многу сакам да ги набљудувам најразличните риби, предизвик ми е да барам стари предмети од антиката, но сега, засега има само отпад што луѓето го оставаат зад себе“, изјави Мила Јовановиќ, Нуркачки клуб „Охрид“.
Од Нуркачкиот клуб од Охрид велат дека интересот за нуркањето кај припадничките на понежниот пол во последните неколку години е сè поголем. Нуркачки покрај од Охрид има и од други македонски градови.
Инструкторите велат дека тие во ништо не заостануваат зад мажите и за разлика од нив се беспрекорно дисциплинирани, а она што ќе го научат при основната обука како книга го користат во текот на нуркањето.
„Многу интересно и многу безбедно е со нив да се нурка. Тоа е она што ги прави различни од мажите, на пример кај маживе може да е добар нуркач, меѓутоа не е дисциплиниран. Ние имаме нуркачка од Охрид којашто е рекордерка со 117 метри, со скуба-дајвинг со боци, кое е изразито тешко и за машко и за поподготвен нуркач да ја постигне таа длабочина“, вели Горан Балевски – претседател на Нуркачки клуб „Охрид“
Во Нуркачкиот клуб „Охрид“ има поголем број нуркачки на возраст од 14 години па нагоре. Имаат основна обука што им овозможува безбедно да нуркаат. Покрај уживањето во подводниот свет тие секогаш учествуваат во еколошките активности за чистење на езерското дно од цврст и други видови отпад.
Сашо Нелоски
