Македонија

Во Струмица препораки заради високото ниво на аерозагаденост

04.01.2025 11:01

Државната мерна станица веќе четири дена покажува високо ниво на аерозагаденост во Струмица. Екологистите бараат поголеми инспекциски контроли на капацитетите со А и Б интегрирана еколошка дозвола. Согорувањето на биомаса е најголемиот загадувач на воздухот во Струмица покажаа истражувањето на лабораторијата на Амбикон…

Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи. Да се зајакнат контролите на градилиштата, техничката исправност на дизел возилата. Ова се дел од мерките што Министерството за животна средина ги препорачува откако во Струмица веќе неколку дена концентрацијата на ПМ 10 честичките е над дозволеното ниво. Препораки има и за реорганизација на работното време, но и ослободување на хронично болни и бремени жени.

Од 31 декември па наваму просечните дневни концентрации на штетните ПМ 10 честички во Струмица се над 150 микрограми на кубен метар. Синоќа во 22 часот Државната мерна станица покажа дури 550 микрограми, а денеска заради ветрот концентрациите се во рамките на дозволеното.

И екологистите сметаат дека треба да се зајакнат контролите на терен во пред сè кај производствените капацитети. Според Ацо Шопов од Планетум потребна е и поголема свест кај граѓаните за овој проблем кој во Струмица веќе се провлекува неколку години и е на врвот со голема аерозагаденост.

Согорувањето на биомаса или користењето огревни дрва за затоплување е најголемиот извор на аерозагадување во Струмица покажа испитувањето на Амбикон при УГД. За да се намали аерозагаденоста во Струмица преку проект на УНДП се одлучи да се изгради парк на површина од 13 илјади квадратни метри.

Ване Трајков