Неопходен е нов Закон за туристичка дејност
Во најкус рок треба да се донесе нов Закон за туристичка дејност и воспоставување на Национална туристичка организација која ќе ги штити интересите на локалните и регионалните туристички организации. Ова е став на дел од експертите кои сметаат дека повеќе години наназад дозволивме странските тур-оператори да ја кројат судбината на македонскиот туризам, со што целосно е нарушена туристичката организираност во земјата …

Иако изминатата туристичка сезона се смета за најуспешна по корона кризата, сепак експертите сметаат дека македонскиот туристички систем е урнат, поради што е неопходно што поскоро да се донесе нов Закон за туристичка дејност. Со него треба да се овозможи формирање на долгонајавуваната Национална туристичка организација која ќе ги координира сите односи во туризмот, а локалните и регионалните туристички организации ќе бидат клучни играчи во македонскиот туристички систем.
„Туристичките агенции, туроператорите директно да соработуваат со тур-оператори од странство и да бидат едни од клучните фактори во воспоставувањето на нови односи во туризмот, односно да не бидеме неми сведоци на нешто што ни се случува во нашиот двор. Евидентно е дека странски тур-оператори ни ја кројат нашата туристичка судбина“, вели проф. д-р Климент Наумов- Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Според Наумов субвенционирањето како алатка за промоција на туризмот треба да претрпи измени и да се насочи кон нови пазари.
„Да дојде до некои измени, до алоцирање на тие средства на некои други емитивни зони. Зошто да не биде Белгија? Значи директно да се насочат туроператорите и македонските кројачи на туристичката политика да настапат на пример на Салон де ваканс во Брисел“, додава професорот Наумов.
Во изминатите 7-8 години Македонија не беше доволно промовирана на најзначајните туристички берзи што секако негативно влијаеше на посетеноста од западноевропските земји. Тоа е неопходно доколку сакаме развој на туризмот и резултати какви што посакуваат туристичките субјекти.
Сашо Нелоски
