Засилени безбедносни мерки во Вашингтон
САД внимателно ги кројат безбедносните планови за големите настани месецов, кои завршуваат на 20 јануари со инаугурацијата на Доналд Трамп. Мирен трансфер на власта е висок приоритет и на актуелната администрација на Џо Бајден. Синоќа, Мајк Џонсон беше реизбран за спикер на претставничкиот дом. На 6 јануари Конгресот треба формално да ја потврди изборната победа на Трамп…

По нападот во Њу Орлеанс на Нова година и по експлозијата во Лас Вегас истиот ден, американските служби внимателно ги кројат плановите за безбедност во округот Колумбија за големите настани месецов. На 6 јануари Конгресот треба формално да ја потврди изборната победа на Доналд Трамп. Државниот погреб на поранешниот претседател Џими Картер ќе се одржи на 9 јануари, а на 20 јануари илјадници луѓе, шефови на држави и влади, ќе го посетат Вашингтон на инаугурацијата на новоизбраниот претседател.
„Од овој момент, нема познати веродостојни закани овде во округот Колумбија. Но, поради големата претпазливост, ги зајакнавме нашите безбедносни позиции низ градот, во светлина на неодамнешните настани“, изјави началник Памела Смит, полициски оддел на округот Колумбија.
Полицијата на Капитол Хил се осврна на настаните од пред четири години, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година, за да ја прекинат сертификацијата на победата на Бајден. Властите тврдат дека засега немаат веродостојни разузнавачки информации за масовни демонстрации како пред четири години.
„Живееме во време на зголемена закана за владата и избраните функционери, главниот град на нашата нација е подготвен да обезбеди законодавниот процес да продолжи без прекин и да има мирен трансфер на власта“, рече началникот Џ. Томас Мангер, полиција на Капитол на САД.
Безбедноста за претстојната инаугурација останува висок приоритет, велат и од Белата куќа.
„Безбедноста на инаугурацијата и на луѓето што присуствуваат на неа остануваат висок приоритет за сите нас во извршната власт“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Мајк Џонсон, спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, синоќа беше реизбран на функцијата со 218 гласови, што според аналитичари ја покажува поделеноста во републиканската партија. Републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, 219 спрема 215. Џонсон има големи предизвици во новиот мандат, не само усвојување на законодавната агенда на Трамп туку и подигнување на границата до која земјата може да се задолжи. Од 3 јануари републиканците официјално го контролираат Сенатот, каде што имаат мнозинство од 53 спрема 47.
„Ќе ги намалиме драстично големината и опсегот на владата. Ќе ја вратиме моќта на народот во координација со претседателот Трамп и неговата администрација. Ќе создадеме побрза и повеќе ефикасна федерална работна сила“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД.
Десет дена пред инаугурацијата Доналд Трамп ќе биде осуден за давање поткуп во замена за молк. Судијата во Њујорк, Хуан Мерчан, ги отфрли барањата на адвокатите за поништување на случајот и потенцираше дека нема да го осуди Трамп на затворска, условна или парична казна, туку наместо тоа, ќе му даде „безусловно отпуштање“. Трамп ја отфрли одлуката како нелегитимен политички напад.
Маријана Димовска
