Инфраструктура

Отворен патот Страцин- Крива Паланка

04.01.2025 13:26

Патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути. На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини.

Од денеска од Куманово, Страцин, до Крива Паланка ќе се вози по новиот експресен пат. Патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути. На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини.

Овој пат е на Коридор 8 во должина од 25,5 километри. Изградбата почна во мај 2018 година. Инвестициската вредност на изградбата е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба, рече дека реализацијата на овој проект е резултат на тимска и координирана работа, а не резултат на само еден субјект. Посочи дека се планира и проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин и изградба на клучка кај Гиновци.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така присуствуваше на пуштањето во употреба на овој патен правец, рече дека овој пат не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните.

Министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија и посака да се развиваат нови индустриски капацитети и да заживее источниот дел од државата.