Високи казни за нефер трговски практики
Обновената Комисија за конкуренција со високи 20.000 евра ќе ги казнува нефер трговските практики за преку 2.500 производи кои до купувачите ќе стигнат со висок рабат и цени. Законот за нефер трговски практики, по европска директива е во функција од крајот на септември лани, а од годинава се следи со казни за неправилностите. Комисијата ќе може да влезе во фирмите, да проверува и да казнува, за да ги заштити потрошувачите…

До 20.000 евра казни за трговците ако не се почитува Законот за нефер трговски практики. Со овој Закон се очекува на подолг рок да има стабилизирање на цените на производите, во интерес на граѓаните.
До 31-ви декември трговците добиваа само опомени, а отсега казни доколку работат спротивно на Законот за нефер трговски практики. Се зајакнува контролата на пазарот. Мониторингот, кој беше во функција до крајот на минатата година, сега прераснува во реални парични казни, истакна заменик-министерот за економија и труд Ристески. Обновената Комисија за заштита на конкуренцијата ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците.
Законот за нефер трговски практики беше донесен со цел справување со инфлацијата. Со него ќе се намали форсирањето на странските, на штета на домашните производи, а истовремено ќе се стави ред во односите на производителите и добавувачите, со трговците.
Се очекува да се воведе ред во делот на регулирање на односите на сите инволвирани страни во синџирот. Со овој закон до 10% ќе се ограничат надоместоците за складирање, реклама, маркетинг, персонал.
Ана Јосифоска
