УХМР

Снег само на високите места

04.01.2025 15:57

Суво и студено време за празниците. УХМР прогнозира врнежи само на планините …

Незначителната снежна покривка што утрово се забележа во градот влеваше надеж дека можеби ќе имаме снежни празнични денови. Сепак, за да се израдуваме на снегот ќе мора да се упатиме кон повисоките планински туристички центри. Најава за снежни врнежи нема, ниту спас од маглата.

„За претстојните божиќни празници времето ќе биде стабилно и суво, ќе имаме ниски утрински температури, секаде ќе бидат негативни во интервал од минус осмиот до минус вториот степен. Дневните температури ќе бидат во постојан пораст сè до четврток. Во одделни котлини ќе има појава на магла која ќе се задржи подолго во текот на денот и таму дневната температура ќе остане пониска“, вели Јулијана Фидановска-Мешковска, синоптичар во УХМР.

Некои граѓани веќе заминаа, други се подготвуваат празниците да ги поминат во некои од нашите скијачки центри, за следната седмица синоптичарите не најавуваат нови врнежи од снег. Сега на Шапка има најмногу снег – 55 сантиметри, во Маврово 45, во Крушево 15.

Во изминатите децении климатските промени предизвикаа снежна криза, на удар е ски-индустријата. Според метеоролошката станица на УХМР, на Попова Шапка во 2022 година прв пат не е забележана снежна покривка во декември во последните седум децении откако се прават мерења. Во Маврово пак ваква состојба е забележана во далечната 1958 година.

Утрово снегот нè израдува сите, секако е добредојден, го исчисти загадениот воздух и маглата која беше надвисната над скопската котлина.

Андријана Ѓурческа