Регион

Комеморација во Цетиње, трет ден на жалост во Црна Гора

04.01.2025 16:57

Со една минута молк во владиниот дом во Цетиње се одржа комеморација за 12-те жртви во масакрот што се случи на новогодишната ноќ. Последна почит од семејствата на загинатите и од државниот врв во Црна Гора...

Со една минута молк во владиниот дом во Цетиње се одржа комеморација за 12-те жртви во масакрот што се случи на новогодишната ноќ. Последна почит од семејствата на загинатите и од државниот врв во Црна Гора. Загубата на 12 животи, меѓу кои и две деца, нè остави во шок и неверување. Нема зборови да се објасни оваа бесмислена трагедија, рече во својот говор градоначалникот Никола Ѓурашковиќ.

„Во овој момент единствено што можеме на семејствата на настраданите да им понудиме е нашето најдлабоко сочувство, да им пружиме рака за поддршка и да ги увериме дека не се сами во нивната болка, затоа што ова не е загуба само за нив туку за сите нас“, нагласи Ѓурашковиќ.

По трагедијата црногорскиот премиер Милојко Спајиќ го свика Советот за национална безбедност. Дел од мерките е и носење нов Закон за оружје, кој предвидува најригорозни казни за секое недозволено носење или поседување оружје.

„Секој кој поседува пиштол ќе мора да помине низ најригорозните проверки во Европа за да го задржи својот пиштол. Тоа важи и за сите ловечки друштва, кои мора да ги обноват лиценците“, нагласи Спајиќ.

Додека заседаваше Советот, граѓани излегоа на протест пред владината зграда за да го изразат револтот кон реакцијата на властите во однос на трагедијата.

„Аматеризмот, импровизацијата и популистичките ветувања имаат трагични, навистина трагични последици и мислам дека ова е само една од тие последици“.

„Оние кои се на власт мора да научат дека оставката е морален чин, дека кога се на врвот на системот кој не дал одговор, а кој доведе до овој криминал и трагедија, мора да научат да поднесат оставки.“

Во Црна Гора е трет ден на жалост. Ацо Мартиновиќ на 1 јануари попладнето во Цетиње застрела и уби 12 лица, од кои две деца, а тешко беа ранети четири лица. По неколкучасовното бегство, Мартиновиќ се самоуби.

Викторија Милевска