Европа

Запре рускиот гас, почнаа маките за Европа

05.01.2025 12:24

Откако Украина ја запре испораката на руски гас, земјите од централна и источна Европа бараат алтернативи. Ниските температури го ставија на тест трпението на многумина. Граѓаните останаа заглавени помеѓу економските прилики и политиката …

Новата година донесе нови маки за дел од земјите во Европа. Рускиот гасен тек преку Украина, кој ги снабдуваше Централна и Источна Европа, беше прекинат. Милиони луѓе се соочуваат со кризата која директно е предивикана од војната во нивното соседство. Молдавија, со цел да се справи со недостигот на енергија, воведе 60-дневна вонредна состојба, а руски „Гаспром“ соопшти дека ја запрел испораката на гас за Кишињев поради долгови. На граѓаните и стопанствениците им беше наложено да ја намалат потрошувачката и да се подготват за можни прекини на електричната енергија. Ниските температури во комбинација со недостиг од гас го ставија на тест трпението на многумина.

„Знаеме како да се справиме со криза, но што се однесува до струјата и гасот, првпат се соочуваме со ова. Значи, можеби економски нема да знаеме како да излеземе на крај со ова, но се надевам дека владата и народот ќе бидат добри и приемчиви, бидејќи првпат се соочуваме со ова“.

„Зголемувањето на цените е едно, но кога воопшто нема гас, тоа е нешто сосема друго. Нема да има греење, нема светилки, така што влегуваме во многу тешка година“.

„Веројатно ќе треба да заштедиме струја додека не добиеме друго решение“.

Владата во Кишињев тврди дека има доволно гас за загревање на земјата до пролет и дека ќе почне да купува струја од Европа, но тоа ќе значи огромно зголемување на трошоците. Претседателот на отцепениот молдавски регион Транснистрија апелираше до граѓаните да се затоплуваат на дрва и предупреди дека неизбежни се рестрикции на струја. 1.500 згради се без греење и топла вода, а речиси 72.000 приватни домови немаат гас.

„За среќа, нашиот регион е богат со дрва. Имаме резерви“. Не можеме да избегнеме рестрикции на струја. Ова е неопходно за да се заштити системот. Сигурен сум дека сите ќе имаат разбирање“, Вадим Красноселски, претседател на Транснистрија.

Словачкиот премиер Фицо пак, за одлуката на Киев најави контрамерки со укинување на повластениот однос на земјата кон 130 илјади украински бегалци, претходно го посети и рускиот претседател Путин во Москва.

„Со едностраното запирање на рускиот природен гас губиме околу половина милијарда евра годишно. Унијата губи околу 60 до 70 милијарди евра во гас и поради зголемените цени на електричната енергија. Руската Федерација останува нечепната. Од ова добиваат само Американците од извозот на енергенсите во Европа“, изјави Роберт Фицо, премиер на Словачка.

Европската Унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори. Конфликтот околу енергетските ресурси продолжува да има големо влијание врз економијата и политиката на земјите во ЕУ. Русија сè уште извезува гас преку гасоводот Турски тек, кој има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа. Во меѓувреме, Турција понуди енергетска поддршка на Европа, до 10 милијарди кубни метри гас годишно преку Балканскиот гасовод.

 

Маријана Димовска