Празнична трпеза за бездомниците
Празниците се луѓето, нашите блиски со кои ги делиме убавите и помалку убавите мигови. Празниците се интимната атмосфера во сопствениот дом. Но како ги поминуваат луѓето без кров над главата? Имаат ли време да мислат на празници на овие минусни температури?

„Да сум здрава и жива, тоа сакам“, изјави Џељадин Алтана, корисник на услугите на Црвениот крст.
Здравиот човек има многу желби, болниот само една – да оздрави. По разводот – Алтана се вратила во родната куќа, но откако мајка и ја продала, со синот останале на улица. Долго време живееле во напуштен автомобил под транспортниот центар, но морале да заминат. На минусни температури престојува во пунктот на црвениот крст во момин поток.
„Ние сме бездомници, немаме каде да живееме“, изјави Џељадин Алтана, корисник на услугите на Црвениот крст.
Цврен крст: Таа е лице кое е тука колку дена и да сме отворени, целиот период го користи да се стопли, само тоа и е важно.
„Имавме куќа ама мајка ми ја продаде“, вели Алтана.
Црвен крст: Сака сама да си помогне ама единствено што ја спречува е староста, не може да работи бидејќи е болна.
Утрово во пунктот го сретнавме и Себастијан. Дојде да се стопли. Новогодишните желби на бездомните лица не се големи, туку реални – Себастијан вели, сака да работи и да има свој топол дом.
„Како хигиеничар, како чувар. Кога моите беа живи лесно беше, сега нема кој да ми помогне, се издржувам од социјалната парична помош“, изјави Себастијан Меме, корисник на пунктот во Момин Поток.
Изминатата ноќ температурата падна пет степени под нулата. Дежурните тимови на црвениот крст интервенирале на терен – тројца бездомници од студениот асфалт биле донесени во пунктот. Тука преноќиле 15 лица.
Овие луѓето со години не почувствувале семејна атмосфера, тука ќе го одбележат Бадник. Бадникова вечера со домашна посна трпеза и лепче со паричка.
„Стручниот тим се подготвува за бадникова посна трпеза, бездомните лица да го почувствуваат празникот кој долго време не го славеле затоа што немаат можност, затоа што се надвор на скопските улици, реално немаат ни со кого да слават, па се трудиме да им е поинтересно и да се почувствуваат важни и сакани во тој момент“, изјави Драгана Лазаревска, координатор во пунктот за бездомници на Црвениот крст.
Во текот на зимата, вратите на пунктот во Момин Поток се постојано отворени. Тука ја одржуваат хигиената, добиваат лекарска помош, психолошки совети, топол оброк. Во главниот град има околу 350 бездомници, но проценките на Црвениот крст се дека оваа бројка е многу поголема. Сепак, се работи на нивна ресоцијализација.
Од Црвениот крст посакуваат во новата година да имаат повеќе успешни приказни. Не сакаат овие лица да бидат зависни од овој пункт во Момин Поток, туку тој да им биде едно поглавје во животот, и можат повторно да се вратат во нормалниот тек на живеење.
Андријана Ѓурческа
