Скопскиот аеродром со редовни летови, маглата ја нема, нема повеќе пречка за авионите да слетаат или да полетаат
Солзи за испраќање, но солзи и за дочекување. Скопскиот аеродром е најемотивното место за празниците. Маглата ја нема, нема повеќе пречка за авионите да слетаат или да полетаат …

Слетавме... дома сме... Кај и да си пред Божиќ, за Божиќ дома да си – вели нашиот народ. Многу наши иселеници или на привремена работа во странство пристигнаа на скопскиот аеродром за празниците да бидат со своите најблиски.
Лондон има добри услови за работа, но огништето во родно Берово е незаменливо – вели Горан кој е професор по македонски јазик, но неколку години работи во Англија во компанија за обезбедување.
Белата чума која коси изминативе години принуди многу наши сограѓани да побараат подобри услови за живеење во некоја од странските земји. Миле Ристески од Прилеп работи исто така во Лондон како таксист, самостојна работа што му дозволува често да си доаѓа дома. Вели дека утре би се вратил во Македонија, но очекува подобри улови.
Додека едни се враќаат, други заминуваат поради работни обврски, иако и тие би сакале да останат ден повеќе. Дека корените влечат сведочат Дениз и Ивана Станковски од Тетово кои се родени во Детроит, но по неколкупати во годината доаѓаат во Македонија. Верските обичаи ги прават таму. А традицијата и обичаите се живи додека се одржуваат, независно каде.
Овој господин неколку децении е далеку од своето огниште Велебрдо, Мавровско, но секогаш доаѓа со сопругата и децата да им ја честита Нова година на своите родители. И секогаш, како што вели, со тешко срце ги остава сами.
За разлика од првите денови од годинава кога имаше откажани летови и пренасочувања, сега и временските услови се поволни за патување со авион.
Зголемена е фреквенцијата на скопскиот аеродром. Авиосообраќајот се одвива редовно при полетувања и слетувања.
Александра Велинова
