Грипот коси во земјава, расте бројот на заразени
Грипот коси. Ако во последната недела од изминатата година се пријавени над 220 случаи, за неполна седмица од новата, бројката е двојна. Лекарите очекуваат сезонскиот грип пикот да го достигне кон крајот на овој и почетокот на идниот месец, откако учениците ќе се вратат во клупите...

Кашлица, висока температура, болки во грлото. Овие симптоми на грип се најизразени во зимскиот период. Полека но сигурно вирозите почнаа да ги полнат болниците. На удар најмалите. Докторите од Универзитетската клиника „Козле“ со полни раце работа. Дневно прегледуваат и по 100 дечиња. 60 проценти од капацитетот на болницата веќе е полн.
Лекарите очекуваат сезонскиот грип пикот да го достигне кон крајот на овој и почетокот на идниот месец, откако учениците ќе се вратат во клупите.
Додека во Македонија состојбата е стабилна, во регионот расте бројот на заболени од грип. Во Албанија над 13 илјади се регистрирани само во последната седмица. Грип се шири и во Србија, потврдени 4 вида вируси. Грипот не ги одмина и европските земји. Илјадници болни неделно регистрирани во Франција, Романија, Шпанија.
„Поголемиот дел од пациентите кои развиваат тешки форми на болеста се за жал невакцинирани“, изјави д-р Оливие Лусидарм, лекар на Одделот за интензивна нега.
„За разлика од минатата година, кога она што првично го видовме беше грипот А, оваа година тоа е сезонски грип, инфлуенца Б“, изјави Лоренцо Арментерос, лекар за примарна здравствена заштита.
За лекарите најдобрата превенција од грип останува вакцинацијата, која се препорачува да се изврши од октомври до ноември.
Викторија Милевска
