Уставни измени

Владата ги достави нацрт-амандманите на Уставот до Собранието

29.07.2014 14:16

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави дека седница на Комисијата за уставни прашања ќе закаже за 25 август, а два дена подоцна и седница на која со 62 гласа треба да бидат изгласани. Нацрт – амандманите што ќе бидат изгласани потоа ќе одат на триесетдневна јавна расправа...

Владата во петокот до Собранието ги испратила седумте нацрт – амандмани за измена на Уставот, а истите денес ќе им бидат доставени на пратениците.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави дека седница на Комисијата за уставни прашања ќе закаже за 25 август, а два дена подоцна и седница на која со 62 гласа треба да бидат изгласани. Нацрт – амандманите што ќе бидат изгласани потоа ќе одат на триесетдневна јавна расправа, по која Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дискусијата. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.

Нацрт-мандманите за измени на Уставот во себе содржат дефинирање бракот како заедница помеѓу еден маж и една жена, но и вонбрачната заедница. Со предложените амандмани се предвидува десет членови на Судскиот совет да се избираат од редот на судиите, тројца на предлог на Собранието, а двајца на предлог на претседателот на државата. Во нацрт-амандманот се предлага членовите на Судскиот совет да немаат право на реизбор.

Со еден од амандманите се предвидува и промена на името на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија. Во однос на Државниот завод за ревизија, со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган.

Петтиот нацрт-амандман се однесува на формирање на финансиска зона, а со шестиот Владата ја регулира финансиската политика и одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП.

Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Вељаноски на средба со новинарите информираше дека очекува да бидат организирани најмалку пет дискусии за нацрт-амандманите, за што зборувал и со министерот за правда Аднан Јашари.