Тројца светители од Охрид го ширеле христијанството
Македонското духовно светилиште Охрид е препознатливо по многу единствени нешта. Меѓу нив секако значајно место зазема податокот дека на тој простор делувале тројца светци: Свети Климент, Свети Наум и Свети Еразмо. Поради тоа може да се каже дека Охрид е можеби меѓу ретките или единствените свети места каде што во толку мал простор словото христово го ширеле тројца светци кои оставиле длабоки траги во христијанскиот свет.

Древниот Охрид кој е жив град веќе 2 400 години бил епископски центар од антички времиња, а денес е македонски духовен центар уникатен по многу нешта. Меѓу нив значајно место зазема податокот дека во дијаметар од околу 30 километри во одреден временски период делувале Светите Климент, Наум и Еразмо, светци чудотворци со епитетот Охридски. Историчарите велат дека Охридскиот регион е меѓу ретките или можеби единствениот во светот каде на толку мал простор делувале тројца светци.
„Охридскиот рид каде што делувале Свети Климент, потоа од другата страна на Охридското Езеро Свети Наум и Свети Еразмо при денешниот влез во градот Охрид било едно значајно подрачје за ширење на христијанството, свето место каде што луѓето не живееле тука, туку доаѓале да се молат, да се покрстуваат“, изјави Никола Митровиќ-историчар.
Чувство на возвишеност предизвикува сознанието дека некогаш во Охрид имало 365 цркви. Меѓу нив се издвојуваат оние на Светите Климент и Наум, не само поради својата убавина, туку и заради тоа што во нив се положени нивните мошти.
„Дури и самиот Свети Климент си ја правел својата црква, тоа го прикажува и Гоце Ангеличин Жура во своите записи и навистина се пронајде таа црква, односно навистина се пронајде неговиот гроб што има огромно значење за градот Охрид“, изјави Никола Митровиќ-историчар.
Тоа што Охрид е христијански центар каде што делувале тројца светци треба да биде адут повеќе за уште поголема промоција на Македонија во светот, што секако ќе придонесе и за развој на духовниот туризам.
Сашо Нелоски
