По претседателското вето, Законот за заштита на децата оди прво на доработка
Претседателката Сиљановска Давкова стави вето на Законот за заштита на децата, кој предвидува двојазични лиценци во градинките. Од Владата најавија дека законот ќе се доработи и ќе биде доставен во Собранието во законските рокови. СДСМ ја поздрави одлуката на претседателката. Од ДУИ, како што велат, поради празничните денови се воздржуваат од остра реторика, но не остануваат неми, според нив, пред агресијата на државата.

Владата прво ќе го доработи, а потоа во собраниска процедура повторно ќе го пушти Законот за заштита на децата. По ветото од претседателката Сиљановска-Давкова, од „Илинденска“ број 2 велат дека ќе ги погледаат забелешките на шефицата на државата.
Според политичкиот аналитичар, Петар Арсовски од ваквиот став на владата е јасно дека кохабитацијата нема да биде загрозена. Откако претседателката потсети дека употребата на македонскиот јазик и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните се веќе уредени со закон, Арсовски не очекува сериозна етничка криза, но гледа простор за нарушување на меѓуетничките односи.
По првото вето на претседателката, партиите со различни ставови – СДСМ и Левица го поздравија непотпишувањето на указот и побараа власта да се откаже од измените.
„Со предложените измени на законот, власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална“, изјавија од СДСМ.
ДУИ, пак, препозна нов удар врз албанскиот јазик и обид за негово потиснување.
„Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина“, изјавија од ДУИ.
Во случај кога претседателот на државата нема да потпише указ за прогласување на закон, Собранието повторно треба да го разгледа во рок од 30 ден. Амандмани може да се поднесуваат само во однос на укажувањата на претседателот на државата. Потоа претседателката е должна да го потпише указот.
Игор Панов
