Ќе се градат уште две нови индустриски зони
Наредниот месец ќе стартува и изградбата на две нови зони во Струга и во Радовиш, а ќе биде бјавен и тендер за изградба на индустриската зона во Ранковце која ќе се протега на 40 хектари...

Ќе се градат нови индустриски зони во источниот дел од земјава. Наредниот месец на тендер ќе се бара компанијата која ќе ги гради новите зони во Берово и Виница. За изградбата на технолошко- индустриските развојни зони во овие два града се предвидени еден милион евра. Во Виница зоната ќе биде лоцирана на пет километри од градот и ќе се простира на површина од 20 хектари. Зоната во Берово ќе биде наповршина од 17 хектари.
„Владата на Република Македонија донесе две одлуки со кои се предвидува изградба на две нови технолошко- индустриски развојни зони во источниот дел на земјата, од кои едната ќе биде изградена во близина на градот Виница, а втората ќе биде лоцирана во близина на градот Берово“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.
Добра вест е и што домашните компании ќе можат да се јават на тендерот. Наредниот месец ќе стартува и изградбата на две нови зони во Струга и во Радовиш, а ќе биде бјавен и тендер за изградба на индустриската зона во Ранковце која ќе се протега на 40 хектари.
Со основањето на овие зони се заокружува бројката на 14 од вкупно 15 предвидени технолошко- индустриски развојни зони. Петнаесетата се планира да се отвори во Делчево, на почетокот на 2015-тата.
Дијана Ценевска
