Загадување

Аерозагадувањето високо, последиците страшни

06.01.2025 16:07

Аерозагадувањето е високо. Главниот град повторно меѓу светските рекордери. Освен во Скопје, државните мерни станици покажаа високи вредности и во Тетово, Кичево, Куманово, Струмица, Кавадарци. Граѓаните се гушат. Екологистите бараат мерки, метеоролозите немаат оптимистички прогнози.

Граѓаните и во празничните денови дишат загаден воздух. Мерните станици повторно покажуваат високи вредности на штетните ПМ честички – луѓето се жалат на респираторни проблеми. Велат, поради аерозагадувањето ретко излегуваат од дома.

Индустријата, енергетскиот сектор, домаќинствата, сообраќајот се најголеми загадувачи.

Владата неодамна донесе планска програма за чист воздух за периодот од 2024-та до 2030-та година, која меѓу другото предвидува подобрување на филтрите за индустриите, замена на грејните тела на домаќинства со еколошки решенија и зголемување на инспекциите.

Екологистите, пак, изразуваат надеж дека владините мерки ќе се имплементираат во пракса и со конкретни рокови, и оти нема да останат мртво слово на хартија. Од „О2 иницијатива“ предлагаат и пакет мерки за Град Скопје.

Временските услови во наредниот период не одат во прилог на намалување на аерозагадувањето.

Македонските градови изминативе недели редовно се при врвот на најзагадени на светските листи.

 

Марија Котовска