Прослава на Бадник

Православните христијани го празнуваат Бадник – ден пред Рождеството Христово

06.01.2025 16:38

Православните христијани од земјава кои се водат по стариот – јулијански календар го празнуваат Бадник – ден пред Божик, ден на очекување на Рождеството Христово. Први, од рани зори, радосната вест ја најавија коледарчињата. Потоа, илјадници дечиња во поворка, пеејќи ја песната „Вечниот бог“ од плоштадот се упатија кон Соборниот храм во Скопје, каде беше централната прослава на Бадник.

Утринава по Бадниковата литургија се славеше со песна, малку грејана ракија и вино, пред семејството да се собере на Бадниковата посна трпеза. Денот кој е предвесник на Христовото раѓање е радосен за многумина, кои веруваат дека ќе им ги остварат желбите. Домаќинките ни раскажаа како ја почитуваат Бадниковата традиција.

Откако се осветија бадниковите гранчиња и се сврте погачата, годинашниот кум Раде Макеларски и здравичарот Атанас Петров ја кажаа здравица и го подигнаа ќупот. На централната Бадникарска прослава која годинава се одржува по 33. пат упатија пораки за меѓусебно почитување, љубов, разбирање.

3.500 дечиња, носејќи златна ѕвезда во рацете како симбол на онаа од Витлеем, пеејќи го Вечниот Бог го најавија Христовото раѓање. На плоштадот Македонија Бадниковата поворка обедини досега најмногу учесници.

Малите коледарчиња беа пречекани и дарувани од Архепископот Охридски и Македонски Г. Г. Стефан.

 

Викторија Милевска