Русија објави дека презела град во Донбас
Беснее војната во Украина. Светот повторно стравува – регистрирани се силни експлозии во близина на нуклеарната централа во Запорожје. Москва тврди дека ја одбила украинската офанзива во Курск, но и дека ја презела контролата врз градот Курахово. САД најавија дека ќе воведат нови санкции за Русија, Зеленски, пак, смета безбедносните гаранции ќе бидат функционални само ако ги обезбеди Вашингтон.

Битките на фронтот во Украина се засилија. Руските сили ја презедоа контролата врз градот Курахов, најголемата населена област во југозападниот дел на Донбас. Експлозии и во близина на нуклеарната централа Запорожје. Продолжуваат и нападите со дронови. Ситуацијата е многу тешка, велат од пешадијата која е на првите борбени линии на стратешки важниот град Покровск.
„Непријателот користи и дронови со оптички влакна во обид да блокира патишта. Тука се борат многу војници, бидејќи ова е една од најтешките области на фронтот. Непријателот тука ги концентрирал речиси сите свои резерви. Ако, не дај Боже, непријателот го заземе Покровск – но ние нема да дозволиме – тогаш тој ќе блокира многу транспорти, правци за снабдување и движење“, изјави командант на пешадиската единица на Националната гарда на Украина.
„Политичарите треба да зборуваат за прекин на огнот. Ние ќе ги исполниме нашите задачи“.
Москва соопшти дека ја одбива новата украинска офанзива во руската погранична област Курск каде што силите на Киев контролираат неколку стотици квадратни километри. Позицијата на украинската армија во Курск ќе биде важна во контекст на можните мировни преговори меѓу Киев и Москва, изјави американскиот државен секретар Блинкен. Изрази загриженост за блиските врски меѓу Русија и Северна Кореја и поддршката од Пјонгјанг со илјадници војници на бојното поле.
„Нивната позиција во Курск е важна, бидејќи секако тоа е нешто што ќе влијае на какви било преговори што може да се случат во иднина. Мислам дека ќе биде многу важно ако дојде до точка каде што има преговори и каде на крајот има прекин на огнот, тоа да се направи под најдобри можни услови и во согласност со нешто што е и праведно и трајно“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Францускиот претседател Макрон изјави дека улогата на САД мора да биде да ја убеди Русија да дојде на преговарачка маса со Украина, а Киев треба да биде реален во однос на територијалните прашања.
„Нема да има брзо и лесно решение во Украина. Не можеме да дозволиме Русија да победи во Украина. САД треба да ни помогнат да ја промениме природата на ситуацијата и да ја убедат Русија да дојде на преговарачка маса. Украинците треба да водат реални дискусии за територијалните прашања, а Европејците треба да изградат безбедносни гаранции што ќе бидат нивна примарна одговорност“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
За безбедносните гаранции за Киев за завршување на војната, претседателот Зеленски вели дека можат да бидат ефективни само доколку ги обезбедат Соединетите Држави. Потенцираше дека Украинците сметаат оти Трамп ќе ја принуди Москва да се согласи на траен мир.
Маријана Димовска
