Охрид

На брегот на Охридското Езеро голем број странски гости уживаат во божикната магија

07.01.2025 12:14

Не секогаш важи народната „За Божик каде и да си, дома да си“. Семејната радост, топлина и спокој може да се доживее и илјадници километри од домот. На брегот на Охридското Езеро голем број странци, католици и муслимани уживаат во божикната магија...

Четиричленото семејство Глигоровски од Австралија со македонско потекло, годинава слави еден поинаков Божик. Велат секоја година слават два пати, еднаш по Јулијански, еднаш по Грегоријански календар. Но оваа, за прв пат, сакале да доживеат православен Божик на македонско тло.

Празничната топлина и спокој може да се доживее и илјадници километри далеку од домот. На семејната трпеза наместо мисирка и пилешко ќе има сарма и свинско, но за нив најважно е да се сите заедно. Дополнителна радост е тоа што едниот син, Тоби, денес има и роденден.

„Во Австралија на 25-ти декември, но ние славиме и наш Божик на 07-ми. Овој е роден на Божик, а овој другиот син е роден на Велигден, вели Пол Глигоровски турист од Австралија.

„Ручек, многу храна, мисирка, пилешко, месо“, дополни Ники Глигоровска, туристка од Австралија.

И не само христијани, и исламските верници велат ја чувствуваат празничната магија во средновековните цркви и музеи. По охридската чаршија се сретнуваат гости од сите страни на светот. Разговаравме со посетители од Америка и Турција.

„Среќен Божик, само што бев во стариот дел на градот, ја видов тврдината, ја посетив „Света Софија“, многу е убава. Вашата култура е прекрасна, вашата земја е преубава, вашето езеро е прекрасно и вашето гостопримство“, вели гостинка од Америка.

„Прв пат доаѓам овде, ми се допаѓа. Пристигнав вчера, видов многу празнични обичаи. Бев и во Косово и мислам дека Балканот е прекрасен со убава атмосфера, обичаи култура забава“, вели турист од Турција.

И не секогаш важи онаа народната „За Божик каде и да си, дома да си“, голем број гости за празникот се на брегот на Охридското Езеро.

 

Соња Рилковска