Североисток

Ќе се санира покривот на манастирот во Матејче

07.01.2025 12:59

Ќе се обезбедат средства за санација на манастирот Успение на Пресвета Богородица во липковско Матејче. Поставениот оловен покривач беше ограбен пред извесен период. Станува збор за исклучително важен пример на древен манастир...

Ќе се обезбедат средства за санација на покривот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во липковско Матејче, информираат од националниот конзерваторски центар и министерството за култура. Изминатите години беа одвоени средства за непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација, препокривање на црквата, но поставениот оловен покривач беше ограбен.

„Ако повторно биде покриена црквата со оловен покривач тоа не значи дека нема повторно да биде мета. Овде не е проблемот само со црквата покривањето, таа е и функционално и целиот комплекс е физички деградиран, не е ревитализиран просторот, нема функција, осамен пример е на планината таму којшто е исклучен од секаков вид на активност“, нагласи Цветанка Хаџи Пецова, директорка на Национален конзерваторски центар.

Надлежните најавуваат дека во најкраток период ќе се изработи проект за препокривање со византиски тип на ќерамиди. Станува збор за храм изграден во 14-от век, лоциран над селото Матејче, еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Црквата е во лоша состојба од 2001-година, голем дел беше уништен, фреските оштетени, исто како и одморалиштето.

Повеќето министри досега ветуваа дека светиот храм кој е прогласен и за културно наследство во опасност, ќе биде приоритет и ќе го добие стариот лик.

 

Елена Георгиевска