Разорен земјотрес го погоди Тибет, стотина лица загинаа, многумина се повредени
Разорен земјотрес со јачина од 7,1 степен регистриран на Тибет. Стотина лица загинаа, многумина се повредени. Црниот биланс од силниот потрес расте од час на час. Спасувачките екипи се на терен, се води битка со времето за пронаоѓање на преживеаните...

Разорен земјотрес од 7,1 степен по Рихтер го погоди Тибет во близина на еден од најсветите градови, Шигатсе. Расте бројот на жртви, десетици се повредени. Околу 1.500 спасувачи, вклучително и кинеското воздухопловство се ангажирани во потрага по преживеани под урнатините, соопшти кинеското Министерство за вонредни ситуации. Според кинеските државни медиуми, многу згради и куќи се уништени.
Епицентар на земјотресот бил на околу 75 километри североисточно од Монт Еверест. Потресот бил почувствуван и во Катманду, главниот град на соседен Непал, како и во делови од Индија. Околу 50 последователни потреси беа регистрирани во три часа по земјотресот, а живописната област Монт Еверест на кинеската страна беше затворена.
„Репортерите на кинеската новинска служба се на експресниот пат Ласа-Шигатсе, а пред нас, возило на националната комуникација за итни случаи се упатува кон областа на земјотресот. Видовме и многу противпожарни возила кои полнат гориво на патот, и тие беа целосно натоварени и подготвени за тргнување. Дополнително, локалната управа за транспорт објави и информација дека некои од патиштата во подрачјето на земјотресот се исто така уништени“, изјави Унсанг Ламо, репортер на сервисот за вести Кина.
Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди да се испратат сите расположливи сили за помош и поддршка во Тибет. Тој, исто така, повика на превенција од катастрофи, соодветно сместување на погодените жители и ефикасно справување со последиците од потресот.
Тибет, како и целиот југозападен дел на Кина, Непал и северна Индија, често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча. Во голем земјотрес во кинеската провинција Сечуан во 2008 година загинаа десетици илјади луѓе, додека земјотрес од 7,8 степени по Рихтер го погоди Катманду во 2015 година, при што загинаа околу 9.000 лица.
Маријана Димовска
