Се жалиме на скапотија, а фрламе храна
И додека едни слават скромно, за други празничната еуфорија подразбира раскошна трпеза. Додека се ужива во радоста на празниците, не се штеди на храна, се купува во завидни количини, а потоа голем дел од неа завршува на буниште и тоа во услови кога економските предизвици и скапотијата ја прават секојдневната потрошувачка се посложена…
Нека има-знае да каже нашиот народ и купува повеќе храна од потребното. Оние што може да си дозволат, па и оние со поскромен буџет ги полнат фрижидерите. Особено за време на празниците се прават резерви. Се чини инфлацијата и високите цени последниве години делумно ги променија навиките. Па додека се жалат на високи цени, дел од храната се фрла, а поретко се донираат-велат нашите сограѓани.
Со вишокот храна кој се фрла би можеле да се прехранат околу 20.000 лица велат од „Банка за храна“. Во просек едно семејство фрла 300 евра годишно за храна според нивните истражувања.
Религијата нè учи на умереност и скромност во сè, па и во исхраната-порачуваат свештениците.
Од поодамна постои и Предлог-закон за управување со вишокот на храна. Од Банка за храна се надеваат дека оваа Влада ќе има слух да се донесе законот.
Александра Велинова
