Гренланд - Трамп

Гренланд не е за продажба - став на Данска

08.01.2025 09:52

Доналд Трамп предизвика бура од реакции. По неговите последни коментари, во кои не ја отфрли можноста за употреба на сила за преземање на Гренланд и на Панамскиот Канал, Данска го потсети дека се сојузници во НАТО и најблиски соработници. Панама, пак, порача дека суверенитетот над Каналот е прашање за кое нема преговори. Трамп и фрли око и на Канада.

Данска возврати на провокативните најави на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на помалку од две недели пред инаугурацијата излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот. Меѓу нив е и преземањето на Гренланд. Копенхаген го повтори цврстиот став за автономијата на островот, велејќи дека тој не е на продажба.

„Ќе кажам многу јасно-Гренланд е за гренландскиот народ. Тој не е на продажба. САД се наш апсолутен најблизок сојузник, и тоа во сите прашања од одбраната и безбедноста, како и во однос на северниот дел на Атлантикот каде тензиите растат. Имаме јасен интерес во тоа што САД играат голема улога, а не Русија или други земји. Но, Гренланд е за гренландскиот народ. И мора да соработуваме на истиот начин на кој сме навикнати, меѓу другото, во НАТО и во другите меѓународни форуми“, изјави Мете Фредериксен – премиерка на Данска.

Ако Данска се спротивстави на понудата САД да го купат Гренланд, Вашингтон ќе воведе санкции кон Копенхаген-изјави Трамп. Случајно или не, неговата изјава се совпадна со посетата на неговиот син Трамп Јуниор на островот, кој наводно делел капи „Направете го Гренланд повторно голем“ и покрај тоа што тврди дека пристигнал туристички.

„Тука сме како туристи, гледајќи го тоа, изгледа како неверојатно место. Навистина сум возбуден што сум тука, прекрасна земја, пејзажот е спектакуларен“, изјави Доналд Трамп Јуниор - син на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Во забелешките по потврдувањето на изборната победа, Трамп не ја отфрли можноста и за воена интервенција за обезбедување на Панамскиот Канал, но и за економски мерки против Канада, што предизвика силни реакции од двете нации.

„Панамскиот Канал е изграден за нашата војска и е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина, а ние и го дадовме на Панама. Го злоупотребија тој подарок. Тоа никогаш не требаше да се случи. Што се однесува до Канада ќе употребиме економска сила и ќе се ослободиме од вештачки исцртаната линија“, изјави Доналд Трамп – иден претседател на САД.

„Откако новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата, односите меѓу САД и Панама ќе бидат управувани преку стандардните формални процедури. Го повторувам она што претседателот Мулино веќе го изјави-за суверенитетот на нашиот канал не може да се преговара. Му служи на човештвото и на глобалната трговија, давајќи и на меѓународната заедница гаранција дека нема да учествуваме или активно да се вклучиме во каков било конфликт“, изјави Хавиер Мартинез-Ача – министер за надворешни работи на Панама.

И канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо го отфрли тврдењето на Трамп дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава. Трамп ги критикуваше Американците за купување канадски производи, како и Вашингтон да обезбеди воена помош за Отава. Тој не се откажува од најавената царина за канадски производи во висина од 25 отсто.

 

Бојана Крстевски