Данска, Панама и Канада кажаа „НЕ“ на плановите на Трамп
Гренланд не е на продажба, за Панамскиот канал не може да се преговара, а ниедна економска сила не може да ја направи Канада 51-та земја на САД-Данска, Панама и Канада им кажаа „НЕ“ на плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на помалку од две недели пред инаугурацијата излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот…

Данска возврати на провокативните најави на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на помалку од две недели пред инаугурацијата излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот. Меѓу нив е и преземањето на Гренланд. Копенхаген го повтори цврстиот став за автономијата на островот, велејќи дека тој не е на продажба.
„Ќе кажам многу јасно-Гренланд е за гренландскиот народ. Тој не е на продажба. САД се наш апсолутен најблизок сојузник, и тоа во сите прашања од одбраната и безбедноста, како и во однос на северниот дел на Атлантикот каде тензиите растат. Но, Гренланд е за гренландскиот народ. И мора да соработуваме на истиот начин на кој сме навикнати, меѓу другото, во НАТО и во другите меѓународни форуми“, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.
Ако Данска се спротивстави на понудата САД да го купат Гренланд, Вашингтон ќе воведе санкции кон Копенхаген-изјави Трамп. Случајно или не, неговата изјава се совпадна со посетата на неговиот син Трамп Јуниор на островот, кој наводно делел капи „Направете го Гренланд повторно голем“ и покрај тоа што тврди дека пристигнал туристички. Во забелешките по потврдувањето на изборната победа, Трамп не ја отфрли можноста и за воена интервенција за обезбедување на Панамскиот Канал, но и за економски мерки против Канада, што предизвика силни реакции од двете нации.
„Панамскиот Канал е изграден за нашата војска и е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина, а ние и го дадовме на Панама. Го злоупотребија тој подарок. Тоа никогаш не требаше да се случи. Што се однесува до Канада ќе употребиме економска сила и ќе се ослободиме од вештачки исцртаната линија“, рече Доналд Трамп, иден претседател на САД.
„За суверенитетот на нашиот канал не може да се преговара. Му служи на човештвото и на глобалната трговија, давајќи и на меѓународната заедница гаранција дека нема да учествуваме или активно да се вклучиме во каков било конфликт“, рече Хавиер Мартинез-Ача, министер за надворешни работи на Панама.
И канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо го отфрли тврдењето на Трамп дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава. Трамп ги критикуваше Американците за купување канадски производи, како и Вашингтон да обезбеди воена помош за Отава. Тој не се откажува од најавената царина за канадски производи во висина од 25 насто.
Бојана Крстевски
