Шумски пожар беснее во Лос Анџелес, над 30.000 луѓе евакуирани
Шумски пожар беснее во елитната област на Лос Анџелес. Огнената стихија уништи куќи и создаде сообраќаен хаос. Над 30.000 луѓе се евакуирани. Изгореа најмалку 510 хектари.

Оган и силни ветрови – пеколна комбинација за сојузната американска држава Калифорнија. Пламените јазици голтаат се пред себе, покажувајќи го целосниот гнев на природата обременета од климатските промени. Противпожарните екипи во тешка борба деноноќно се обидуваат да го спречат брзото напредување на огнот. Од пожарот се зафатени и ридовите на Лос Анџелес, пеплосани се десетици куќи, како и илјадници хектари шумска површина. Вклучен е црвен аларм, наредена итна евакуација на населението.
„Лос Анџелес во моментов се соочува со екстремни временски услови со вклучен црвен аларм. Загрозени се над 25 илјади и 700 домаќинства, над 10 илјади и 300 објекти. Во моментов сме благословени што нема пријавено повредени лица“, изјави Кристин Кроули – противпожарна служба.
Властите ги предупредуваат жителите на јужна Калифорнија да не ја одложуваат евакуацијата и да не претпоставуваат дека се надвор од животна опасност.
„Сакам да им дадам до знаење на сите гледачи и слушатели дека не сме надвор од животна опасност. Националната метеоролошка служба предвиде дека ветровите ќе се засилат и ќе се влошат“, изјави Ентони Мароне – противпожарна на округот во Лос Анџелес.
„Не претпоставувајќи дека поради тоа што сте надвор од шумата не сте во опасност. Го слушнавте шефот на противпожарната екипа, најавени се силни ветрови. Фактот што голем број луѓе сè уште не се евакуирани, покажува дека не го послушале предупредувањето“, изјави Гавин Њусом, гувернер на Калифорнија.
Временската прогноза не влева оптимизам за окончување на катастрофалните пожари во сушната Калифорнија. Се најавуваат силни ветрови од 160 километри на час кои ќе дуваат со денови. Националната метеоролошка служба предупреди дека тоа би можело да биде најсилната бура во Санта Ана по повеќе од една деценија која ќе ги зафати окрузите лос Анџелес и Вентура.
Маја Стојанова
